На тригодишнината од настаните во и пред Собранието, кои беа вовед во промените кои се случија во Македонија, оперскиот пејач Игор Дурловски ги поставува „вистинските прашања за 27 април“, како што е насловена неговата колумна за порталот „Курир“.
Здравиот разум и логиката, срцето и чувството ќе ве донесат до вашиот интимен, личен, интуитивен одговор за тоа што е суштината, каква е хронологијата, кои делувања какви чувства предизвикаа кај народот и кој всушност имаше интерес од таква завршница на мирните протести кои неколку месеци претходно се одвиваа по улиците и плоштадите на Република Македонија.
Зошто е избран тајминг за избор на Претседател на Собрание во време кога народот секој ден, 69 дена претходно во тоа време протестираше пред собранието на Република Македонија?
Дали е воспоставена и нормална практика еден пратеник да пее химна на туѓа држава на официјалната говорница во Собранието на Република Македонија?
Како е избран претседателот на Собранието?
Зошто по гледањето на снимка дека некои граѓани ги префрлија оградите, па нив ги следеа и стотици други, не беа итно евакуирани и сместени на безбедно место сите пратеници?
Зошто за дел од луѓето со качулки кои не беа дел од обвинетите во судските процеси никој не одговори на прашањето каква била нивната функција, обезбедувачка или напаѓачка?
Дали после неколку години немате чувството дека можеби на тој ден се случувал… контролиран хаос?
И најверојатно двете клучни прашања,
Кој доби, а кој изгуби политички после тој настан и дали такво гласање, со толку гласови и на таков начин ќе поминеше ако во моментот немаше толку драматичен настан кој целосно го апсорбира вниманието на граѓаните во тие клучни моменти?
После се, завршија протестите и беше минимизирана секаква форма на организација на било какви јавни собири кои се демократски механизми што народот ги има на располагање. Се „задуши“ можноста за организација на различни форми на настани за покажување на несогласување со актуелни одлуки, посебно во време на носење на најдраматичните промени во Македонија кои во поновата историја (во светски рамки) ќе останат запаметени како најрадикални не само по својата форма туку и суштински.
Дали обвинението за тероризам на патриоти, интелектуалци, политичари, полицајци, уметници би го зголемило потенцијалот на демократско јавно изјаснување на останатите граѓани кои не се согласуваат со промените кои се случуваат паралелно со судењето, или истиот би го намалиле и спречиле?, прашува еден од водачите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.
Во таа насока повторно ќе повикам на будност, а на македонскиот народ и граѓаните на Македонија ќе им порачам дека мораме да го вратиме оптимизмот, да ја вратиме надежта која пречесто ни е убивана од непримерни и недолични политичари, да се бориме за моралот и интегритетот.
Во борбата за правда сите сме жртви, не само невините по судови и затвори, туку и оние кои мислат дека со држење на страна нив ќе ги одмине секоја неправда. Затоа, со верба во Бога, да ја започнеме за нас можеби најважната, битката за враќање во нормала, битката за правда, битката за Македонија!, заклучува Дурловски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.