Секторот за внатрешни работи Струмица до Основното јавно обвинителство – Струмица ќе поднесе кривична пријава против Л.К. (36) и Д.К. (44) и двајцата од Струмица, поради постоење основано сомневање дека сториле кривично дело „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија”, казниво по член 206 од Кривичниот законик, соопшти МВР.

Од таму додаваат дека на 5 јануари во домот на првопријавениот во Струмица, организирале роденденска прослава на првопријавениот, на која присуствувале повеќе лица што е спротивно на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од Ковид-19, предизвикана од вирусот SARS-COV-2, случаите и временскиот период на нивна примена.

Од прославата, второпријавениот снимил видео содржини на кои се гледа присуство на повеќе лица и така снимените видео содржини ги дистрибуирал низ социјалните мрежи.

Од страна на полициски службеници при СВР-Струмица, преземени се мерки за расчистување и документирање на настанот. Обезбедени се објавените видео содржини од организираната роденденска прослава, извршени се службени разговори, а се преземаат и дополнителни мерки за целосно расчистување на случајот, стои во соопштението.

Претходно јавноста реагираше што за блиските луѓе до власта не важат истите закони како за останатите граѓани, како и тоа дека казните за нив стигаат секогаш со задоцнување, откако ќе се крени бука.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.