Новиот закон гарантира дека нови мали хидроцентрали нема да никнат, а концесиите за кои Владата дала амин ќе се укинат.

Дел од инвеститорите немаат проблем за спогодбен раскин на договорот, но со другите се водат засилени преговори.

„Ние сме во преговори. Има одлуки од Влада за некои кои веќе почнале да градат. Имаме преговори, се надевам ќе имаме и решение за да се повлечат. Како што кажав и претходно, едни од нив се спремни да се повлечат, со другите се надевам дека ќе најдеме заедничко разбирање,вели Насер Нуредини, министер за животна средина.

Една недела откако Законот помина во Собрание се токмат структурите кои ќе менаџираат со заштитеното подрачје. Со Планот за управување ќе се дефинира што и до која мера е дозволено во секој одделен појас од паркот. Ендемичниот свет на планината ќе го чуваат ренџери, а во делот кој спаѓа под зоната на одржливо користење – како на пример Попова Шапка, ќе се стимулира локалниот екотуризам.

„Ќе се воспостави ренџерска служба при што разговаравме и со Национални шуми за да се преземат искусни кадри од подрачните единици на Тетово и Гостивар, како и стручни лица кои најдобро го познаваат теренот. Она што е клучно е дека конкретните забранети и дозволени активности во подрачјето ќе се уредат во Планот за управување кој што ќе се носи во рок од една година од донесувањето на законот.“вели Насер Нуредини, министер за животна средина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.