Предлог-измените на Алијансата за Албанците за Законот за државјанство добиваат поддршка и од владејачката партија ДУИ. Здружувањето на партиите од албанскиот блок околу идејата за олеснети критериуми за стекнување македонско државјанство ја обзнани претстедателот на Собранието, од редовите на интегративците, Талат Џафери.

Според Џафери, без разлика дали измените се добри или лоши, тој би гласал „за“ доколку главната цел е во интерес на граѓаните.

Верувам дека и пратеничката група на ДУИ ќе го поддржи предлог-законот. Тоа се вкупно петнаесет пратеници и еве го земам правото да зборувам во нивно име. Ниту еден од нив нема да каже дека е против, само поради тоа што предлог-законот е на иницијатива на опозициската коалиција Алијанса за Албанците-Алтернатива – изјави Џафери во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.

Џафери во интервјуто додаде дека сега останува на Министерството за внатрешни работи да расчисти со најавите дека измените на законот, кои се веќе во собраниска процедура, ќе претставуваат ризик за државата, односно да дефинира конкретно кои граѓани претставуваат опасност и што поточно ја загрозува државата.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски уште во четвртокот извести дека до почетокот на неделава Министерството ќе го испрати своето мислење за предлог-законот до собраниските служби. Сепак, неофицијално, се доцни поради тоа што се консултираат и се прибираат ставови од сите стручни служби. Од ресорното министерство се очекува и да одговори на прашањата колкава е бројката на граѓани кои би биле опфатени со измените.

Кога ги предложија измените, пратениците од Алијансата открија дека очекуваат измените да бидат усвоени што поскоро, односно пред закажаниот попис во април наредната година. Најгласен во критиките беше пратеникот Павле Трајанов, според кого седумдесет илјади лица би можеле да се стекнат со македонско државјанство во случај да се усвојат предлозите на партијата на Зијадин Села.

Измените предвидуваат државјаните од поранешните југословенски републики, кои до независноста на 8 септември 1991 година живееле во Македонија, да можат да добијат македонско државјанство само со изјави од тројца сведоци или пак еден сведок кој живеел во истото населено место од каде е и барателот. Еден од новите услови е барателот „да владее најмалку еден од службените јазици во Македонија, до тој степен да може лесно да се разбере со околината“, а се отвора и можноста за издавање документи на иселениците, но и нивните потомци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.