ДУИ денеска соопшти дека разговорите за формирање владина коалиција со СДСМ продолжуваат и дека се одвиваат на различни партиски нивоа.

Потврдени се принципите врз кои ќе се заснова следната влада, и тие и беа соопштени на јавноста неколку пати. Се подготвуваме за следните чекори, како што се изработката за детална програма за работа и дефинирање предлози со соодветни, подготвени, чесни и способни кадри, се посочува во соопштението од ДУИ.

Нивните уверувања, како што се наведува, се дека овој пристап ќе доведе до конечен договор и
Влада со целосен четиригодишен мандат која ќе биде изгласана во Собранието, ќе им служи на сите граѓани подеднакво и ќе продолжи партнерството со евроатлантските сојузници.

Вчера попладне тричасовна средба имаа лидерите на ДУИ Али Ахмети и на СДСМ Зоран Заев, која беше оценета во заедничкото соопштение како конструктивна и продуктивна на која биле постигнати основи за напредок кој води до коалиционен договор за нова, европска Влада посветена на европските интеграции, на економијата, еднаквоста и на владеењето на правото. На средбата присуствувале и генералните секретари Љупчо Николовски и Артан Груби.
Во соопштението беше најавено дека разговорите меѓу двете партии ќе продолжат во текот на викендот на ниво на генерални секретари.

Работната средба се одржа по доделувањето на мандатот на Заев од страна на претседателот на државата Стево Пендаровски за составување Влада со четиригодишен мандат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.