Владата на денешната 124-та седница треба да расправа за законот за јавното обвинителство, кој поради неусогласеност со ДУИ досега не помина.

Премиерот Заев денеска одговарајќи на новинарско прашање изјави дека очекува законот за СЈО да биде донесен со консензус. Тој додаде дека предлог – законот влегува во парламентарна расправа. Првин ќе се разговара со најголемата опозициска партија, па со помалата група на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, а потоа и со помалите опозициски партии на Албанците.

Очекувам дека за овој закон треба и мора да се постигне консензус. Секако има секаков вид на очекувања, но редот е сите заедно да му дадеме поддршка, рече Заев.

Предлог-законот предвидува предметите кои се во фаза на судење, обвиненијата и истрагите отворени по 30 јуни 2017 година да ги застапува СЈО пред судовите. Мандатот на шефот на СЈО и на обвинителите ќе биде идентичен како и во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Законот исто така пропишува прислушуваните материјали да се користат заклучно со 15 септември 2020 година, а бомбите да се уништат една година по правосилната судска пресуда.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.