Демократскиот сојуз смета дека врв на хипокризија е доколку осмоодделенецот Дамјан Давков е подобар од средношколците и победи на натпревар по математика, тоа да биде поништено од бирократски причини, притоа повикувајќи се на законски одредби кои се користат како покритие.
Реформите во образованието треба да започнат со однесувањето на првиот учител (министер) во овој систем, но тоа не го гледаме преку примерот на ученикот Дамјан Давков од Штип. Нема поважна реформа во образованието од таа системот да почне да ги препознава, признава, помага и поттикнува младите генијалци, се вели во нивното соопштение.
Од ДС предлагаат претседателот Стево Пендаровски да го награди талентираниот ученик по математика Дамјан Давков и да го искористи своето политичко влијание и авторитет за да му обезбеди државна стипендија за талентирани ученици за неговото натамошно школување и дека тоа ќе биде признание за сите талентирани млади ученици и поттик да учат и да творат.
Што се однесува до концептот за реформи во образованието, за кој во моментов се одвива јавна расправа, Демократскиот сојуз ќе изгради посебен став и ќе го соопшти.
При тоа, предупредуваме дека образовните реформи не смее да се сведат на експеримент кој, преку спојувањето повеќе различни предмети, ќе се испробува единствено во Македонија, врз грбот на нашите најмлади, а во таква форма не постои никаде во Европа и во цивилизираниот свет кон кој се стремиме.
Особено нагласуваме дека историјата мора да остане како посебен предмет за учениците во основното образование.
Спојувањето на предметот историја со повеќе други предмети, испраќа порака дома и кај нашите соседи дека на Македонците историјата не им е важна, што може да се сфати како сечење на корените на македонскиот народ и обид за негово бришење од картата на народите, поради што мораме да бидеме внимателни.
Историјата е помоќно оружје и од атомска бомба!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.