Демократскиот сојуз ги отфрла како несериозни и аматерски предлозите за решавање на спорот со Бугарија изнесени од поранешниот премиер Љубчо Георгиевски. Зачудувачка е леснотијата со која Георгиевски лицитира со основните атрибути на македонскиот национален идентитет и се обидува да ги претстави како конструктивно решение во полза на двете страни, се вели во соопштението на Демократскиот сојуз.

Предлозите на Георгиевски, особено за настанокот на македонскиот јазик, се порадикални и подеструктивни дури и од предлозите на најзакоравените бугарски националисти. Не е случајно што тие едногласно му честитаат на предлозите и му даваат безрезервна поддршка, зашто според нивниот тон и содржина, Георгиевски настапува како советник на бугарската влада. Демократскиот сојуз смета дека во еден сериозен спор во кој се релативизираат и негираат основните идентитетски параметри на македонскиот народ, не смее да им се дава гласност на шарлатански предлози, каков што е последниот од некогашниот премиер Љубчо Георгиевски, велат од партијата.

Од ДС додаваат дека со Бугарија немаме заедничка историја, ниту пак основа да славиме заеднички датуми и личности.

Корените на Македонскиот народ се длабоки и на никој нема да му дозволиме да ги сосече, посочуваат оттаму.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.