Државниот јавен обвинител да ги преземе случаите на СЈО, кое веќе е компромитирано и тие случаи да ги прераспредели во истата фаза во која што се наоѓаат, предложи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во неговото гостување во вестите на Сител телевизија.

Тој посочи дека сите предмети кои се покренати на ниво на обвинение до 30 јуни 2017, бидејќи тоа е законскиот рок за покренување на обвиненија од страна СЈО, треба да ги преземе државниот обвинител, а не обвинителот кој што треба да го предводи новото обвинителство за организиран криминал и висока корупција.

Државниот јавен обвинител да ги преземе во фаза во која што се, дали се во фаза на разгледување докази, распит на сведоци, завршни зборови, жалби пред апелација итн. и согласно препораките на експертската јавност еве гледате во случајот професорот Калајџиев, тие процеси да ги распредели на обвинителствата таму каде што припаѓаат. Не се сите тие случаи организиран криминал и висока корупција. Дел од тие процеси ќе припаднат и во основните обвинителства, потенцираше Мицкоски.

Тој истакна дека според Устав единствен надлежен кој што може да ги преземе и потоа да ги распредели обвиненијата кои што се поднесени заклучно рокот 30 јуни 2017 е државниот јавен обвинител.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.