Законот за државјанство можеби нема да отвори пат Зијадин Села да стане владин партнер, но има шанси премиерот Зоран Заев да го засили тенкото парламентарно мнозинство и за клучни закони да ја обезбеди поддршката и од Алијансата за Албанците. Оваа варијанта стана актуелна по јавната понуда на Села до Заев, Алијансата да биде дел од власта ако мнозинството даде пас за законот за државјанство.

И од власта и од албанската опозиција тврдат дека средба помеѓу Заев и Села за проширување на Владата немало, но и двете страни не ја исклучуваат можноста од некаква соработка ако се најдат на иста страна за спорниот закон, пишува „Плусинфо“.

Села во интервју за гостиварска ТВ „Глоби“ не негирал дека Алијанса може да стане дел од Владата, но како услов го поставил законот за државјанство.

Како изборно ветување рековме дека законот за државјанство ќе се донесе во првите 100 дена. Ова се однесува на комбинациите ако Алијасата за Албанците стане дел од мнозинството. Без законот за државјанство не може да се случи Алијанса да биде дел од Владата – изјавил Села.

Од Алијансата за „Плусинфо“ потврдуваат дека еден од условите да станат дел од владата е тој закон. Но додаваат дека Села изјавата ја дал повеќе како порака дека тој проблем треба да се реши.

Заев сака стабилно мнозинство. Алијанса за Албанците повеќе е заинтересирана за техничка или за широка владина коалиција која ќе ги затвори спорните прашања како законот за државјанство, недоразбирањата со Бугарија, по што ќе ја подготви земјата за предвремени парламентарни избори – велат за „Плусинфо“ од Алијанса за Албанците.

Од Алијансата велат дека за нив е неприфатливо од старт да се одбие предлогот за државјанство, како што направила Владата испраќајќи до Собранието негативно мислење за законот.

Од партијата на Села велат дека се подготвени преку амандмани предложени од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ да го подобрат нивниот предлог закон со поквалитетни решенија, но дека е важно Собранието да отвори дебата за законот.

Висок владин функционер за „Плусинфо“, пак, вели дека се заинтересирани за таа категорија граѓани да добијат државјанства, но дека за тоа мора да имаат документ, а не преку изјави на сведоци. Од власта негираат дека со Алијансата се водат какви било разговори за владина коалиција.

Повеќе на „Плусинфо“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.