Поради зголемениот број на новозаразени со Ковид-19, државата ќе менаџира со приватните клиники, исто како и со државните здравствени институции, предложи по денешната седница Советот за безбедност до Владата.
За сите услуги кои приватните здравствени установи ќе ги даваат ќе има компензирање. Не се работи за национализација, туку државата ќе се јави во улога на менаџер, рече претседателот Стево Пендаровски.
Државата ќе покрие 30 проценти од пазарната вредност на трошоците за лекувањето во приватните клиники.
Кризната состојба му дава управувачки дел на Центарот за управување со кризи и директорот кој го води Централниот кризен штаб, а се формираат и општински и локални кризни штабови во сите 80 единици на локална самоуправа. Со самото тоа се добиваат дополнителни надлежности за управување со сите државни и приватни ресурси во државата кои беа споменати за да се искористат сите капацитети во државата. Зошто Советот ова го предложи затоа што менаџментот на кризата, бројките насочуваат кон потреба од менаџирање на физичките капацитети во болниците и човечки преку медицинскиот персонал. Наместо како досега само во јавното здравство ќе може да се располага и со приватното здраство со една единствена цел да имаме доволно и човечки и физички капацитети, односно легла болници и слично, рече премиерот Зоран Заев.
Министерот за здравство, Венко Филипче, вели дека сите ресурси на приватните клиники ќе бидат земени предвид, вклучително и болничките капацитети за сместување и кадарот.
Периодот е навистина критичен и со оваа динамика на новозаразени, очекуваме еден период кога бројот на новодијагностицирани пациенти ќе биде линеарен, рече Филипче.
Тој вели дека заеднички со државните капацитети ќе се направи план за работа.
Министерот објасни дека се прават распореди за дежурство и функционирање во народниот период.
Целата зграда на интерните клиники е практично зграда во која што ќе се лекуваат ковид пациенти. Тоа затоа што тука се лекарите интернисти, специјалисти, пулмолози и другите кои имаат искуство во лекување на вакви пациенти. Сите три спратови се целосно спремни, два се скоро исполнети, уште еден кат каде што се оториноларингологија, офталмологија, сега се спремаат да од утре се стават во функција. Целокупниот кадар е ставен на чекање и во координација со одговорните сега се прават распореди, како за дежурства, така и за функционирање во следниот период, рече Филипче.
Министерот посочи дека огромен е притисокот врз болниците, па затоа, бројот на легла за ковид пациенти ќе се зголемува и во болницата „8 Сепмтеври“.
Сосем доволен број на слободни кревети може да се стават во функција во болницата „8 септември“. Таа болница ја задржа својата вообичаена работа, иницијално предвидениот број на кревети, 80-90, веќе се пополнети, но може во следниот период согласно овој огромен притисок од изминатиот период се запре системот „Мој термин“ и таму да се сместат уште повеќе пациенти. Целосна мобилизација, секојдневна координација, интерните клиники, спремни сме да ангажираме и дел од другите клиники како хируршките за што веќе имавме состанок. Се прави интерен план со повеќе директори на хируршки клиники. Тоа би бил следниот чекор. Но, со ова располагање на приватните капацитети сепак ќе направиме целовкупен план кој ќе ги вклучи сите ресурси, кажа Филипче.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.