Претседателот на Владата Зоран Заев, во рамките на активностите на Самитот на Западен Балкан, насловен „Промовирање на инклузивноста и солидарноста на Европа“ кој во организација на лондонски „Економист“ се одржа денеска во Скопје, се сретна со делегација предводена од потпретседателот на Владата на Црна Гора, Дритан Абазовиќ.

На средбата, соговорниците ја истакнаа одличната соработка меѓу двете земји фокусирани на унапредување на економските односи и зголемена трговија, подобрување на условите за привлекување странски инвестиции, како и споделување на искуства за унапредување на одделни гранки, земјоделството и туризмот.

Премиерот Заев и вицепремиерот Абазовиќ како особенo значајна ја оценија соработката и поддршката на двете земји во процесот на успешна европска интеграција со продолжување на успешните структурни реформи, согласувајќи се дека продолжува соработката и преку размена на посети на високо ниво и регионална соработка меѓу Република Црна Гора и Република  Македонија.

На денешната средба меѓу делегациите на  Македонија и Црна Гора, премиерот Заев подвлече дека иднината на земјите од Балканот е во заедничкото пријателство и соработка, потенцирајќи дека и регионалната иницијатива „Отворен Балкан“ отвора многу можности за подобар живот на граѓаните во сите земји во регионот, создавајќи услови за зајакнување на економиите и побрз влез во Европската Унија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.