Јас сум човек во зрело доба но ги памтам моите средношколски денови и предметот историја. Го сакав тој предмет и сè уште верувам во онаа максима „Historia est magistra vitae”. И навистина е така. Ние во Хрватска сосема добро ја познаваме својата историја; да се поправам, барем оние повозрасните, младите појма немаат за било што, без разлика која нација се.
Фактите кои им ги укажувам на оние кои ме следат би требало да ги има во средношколските учебници. Просечен македонски средношколец би требало да ги знае основните работи за историјата на својата земја. Од Кирил, Методиј и Климент па до денешно време. Но, не ги знаат тие работи, што е доволна причина со нив да се манипулира, да се упатуваат во погрешен правец, да им се диктира една фалсификувана историја, и тие тоа го прифаќаат.
Кај нас во Хрватска мислам дека е нешто подобро; вистина е дека не се сложуваме за сè, но имињата како што е имагинарниот крал Томислав, Људевит Гај, бан Мажураниќ, Матош, Крлежа, Ујевиќ итн, остануваат во свеста на средношколците. Она што ме загрижува кај Македонците е непознавање на сопствената историја а за неа се напишани многу работи од македонските научници. Долго време живеев во академско опкружување, посетував симпозиуми, пишував книги, разговарав со луѓе од блиски професии и денеска заклучувам дека тоа бил еден елитен, затворен круг, чии идеи не се ширеле вон академските ѕидови и научните магазини кои никој, освен струката, не ги чита.
Кога денес комуницирам со 300-400 луѓе, јасно ми е дека сме работеле јалова работа. Народот, рајата, македонските граѓани, за тоа не знаат речиси ништо. Остануваат „табула раса“ погодна за сите можни манипулации кои доаѓаат од истите оние кои ги дезориентираа, превоспитуваа, им го убиваа чувството за националност во текот на 19-от век. А тоа, за жал, се повторува и денес.
Во повоена Република Македонија напишани се многу извонредни историски книги за македонскиот народ, кои, без разлика на тоа дали ги пишувале „комуњари“ или не, до денес се респектабилни примери на објективно согледување на македонската историја. Како странец, во својата библиотека ги имам сите делови од „Историјата на македонскиот народ“, „Историјата на македонската нација“ на Блаже Ристевски, Историјата на институтот за национална историја од 2008 кое е дело на група историчари, неколку книги на Иван Катарџиев, ја имам дури и „Славјанско-македонската општа историја“ на Ѓорѓија Пулевски, и многу други прегледи.
Што сакам да кажам, драги мои Македонки и Македонци, сè ви е тука напишано, само вие не сте го читале и затоа денес овие примитивци на власт можат да ве „прцаат“ како што сакаат. И тоа го прават многу успешно. Како што еднаш кажа Мирослав Крлежа, грубо ќе го парафразирам „Сето тоа го имам напишано, само вие ништо не сте читале.“
И тоа ви е тоа.
Горан Калоѓера,
книжевен историчар и македонист
Извор: оффнет.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.