Не постои вистинска дефиниција за лажна вест, но во слободно толкување тоа би била информација која е невистинита или извртена. Во Македонија, земјата во која партија на власт одредува што е, а што не е лажна вест – тоа се вестите кои едноставно не им се допаѓаат.
Вчера пренесовме дека извесен Дејан Смилевски во февруари минатата година бил еден од добитниците на 100.000 денари од наградната игра Мој ДДВ-Моја награда и дека вчера истото ова име се појави на листата на тајните хонорарци на Владата.
Прашавме – Дали се работи за истото лице?
И тука настанува заплетот. Настрана што директорката на УЈП со драматичниот настап на Фејсбук, всушност, ни одговори на прашањето и потврди дека се работи за истото лице, туку ја искористи ситуацијата за задоволување на страста на власта – да ѝ залепи лепешка на Република „FAKE NEWS“. За жал, вистински и опасни лажни вести има премногу, веројатно колку што има и случајности кои произлегуваат од клептоманското владеење на СДСМ, но со ваквите лепешки со кои се гнасат сите кои не мислат исто, синтагмата „лажна вест“ го губи значењето и станува бесмислена.
Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска го направи токму тоа – им го замати погледот на читателите, на своите следбеници на социјалните мрежи или со еден збор – ГИ ИЗЛАЖА. Се обиде во ист кош да демантира нешто што ние не сме го напишале со една вистинска лажна вест.
Најостро демантирам дека лицето Дејан Смилевски изработувал, одржувал или имал било каква допирна точка со проектот/апликацијата/наградната игра – МојДДВ. Компанијата “Акцент ДООЕЛ” го изработи и одржува софтверот. Извлекувањето на наградите и нивните приматели оди преку лотариски систем-случаен избор и во него учествуваат сите кои скенирале фискални сметки. Притоа, УЈП е задолжена за процесот на скенирање на сметките, заедно со Министерството за финансии сме покровители, додека Државната Лотарија е приредувач на наградната игра. Значи, во посочениот случај нема и не може да има конфликт на интереси.
Што се однесува пак до конструкциите на порталот “Република”, дали е етички исправно едно хонорарно ангажирано лице во Генералниот секретаријат на Владата да прими награда која ја добил по случаен избор, можам само да истакнам свое мислење, а тоа е дека таквата одлука е индивидуален чин и личен избор, надвор од надлежностите на УЈП. Искрено жалам што и МојДДВ, како еден од најуспешните проекти на УЈП, преку кој физичките лица за прв пат добија поврат на ДДВ, стана мета на опозицискиот систем за ширење на лажни вести и правење штета по секоја цена.
Секогаш ќе реагирам на ваквите дезинформации и нема да дозволам компромитација на проектите кои враќаат пари кај граѓаните за некој партиски да профитира.
Читајќи го ова, драга директорке, ве прашуваме: Каде е лажната вест?
Дали Дејан Смилевски е владин хонорарец? ДА
Дали Дејан Смилевски е добитник во наградната игра на „Мој ДДВ“? Според напишаното од вас ДА, тој е тој
Дали Дејан Смилевски случајно победил? НИКАДЕ ВО ТЕКСТОТ НЕ ПИШУВА ПОИНАКУ
Дали Дејан Смилевски требало да учествува во наградна игра од државна институција иако е на платна листа на Влада? Реторичко прашање, ама ајде, нека ви биде – НЕ
Во нашата вест го нема она што вие се обидувате да го демантирате. Вие само жалите што вашата наградна игра е извалкана, нешто за што вината не може да ја барате кај нас.
За крај, не мора понатаму да го демантираме вашиот „демант“, доволно е да си ги прочитате коментарите под вашиот статус.
На крајот, ѝ порачуваме на ценетата директорка, која прифатила да работи по упатство на „Илинденска 2“ – Република ќе ја преживее и оваа битка, и за вашата заразна омраза ќе се најде лек.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.