Државниот завод за статистика (ДЗС), на својата веб страница, објави дека преку апликацијата за самопопишување досега се евидентирани 49.837 лица.
Податоците се однесуваат за состојбата до денеска во 08:00 часот.
Со пријавувањето на апликацијата, корисникот се регистрира и остава свој ЕМБГ, е-маил адреса, која се верификува со праќање на е-маил за верификација и телефонски број на корисникот. При регистрација на корисникот и при секој внес на податоците од страна на корисникот, во апликацијата автоматски се запишува од која ИП адреса се внесени податоците.
Предвидено е собраните податоци преку апликацијата за самопопишување да се споредат со податоците од претпописната база на податоци. Како што велат од ДЗС, бројот на самопопишани лица преку апликацијата за самопопишување не значи по автоматизам број на резидентно население на Република Македонија.
Претходно, ДЗС објави дека до апликацијата за попишување наменета за дијаспората, може да се пристапи само со ИП адреса од странство, а секое нарушување на процесот на прибирање на податоци е казниво со Законот за попис.
Од ДЗС велат дека апликацијата за самопопишување е во согласност со методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија 2021 година и упатството за самопопишување на лицата отсутни во странство, што ги донесува директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС).
Првата фаза од Пописот на населението, домаќинствата и становите почнa на 1 март со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на Армијата во странство, затворениците и бездомниците. Оваа активност ќе трае до 21 април, кога и официјално треба да заврши пописот, кој ќе почне на 1 април.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.