Реформата на системот за социјалната заштита е нефункционална, особено во делот на интегрирано управување со случаи, што ќе доведе до тоа тој да биде дисфункцинален и остава простор за манипулација пред избори, за што говорат информациите добиени од вработени во Центрите за социјална работа. Спротивно од ова, директорите на центрите едногласно со исти реченици тврдат дека реформата е добра и дека тие се подготвени, што пак укажува дека добиле насоки од кабинетот на дополнителната заменик министерка како да одговорат позитивно во врска со законските измени, тврди министерката за труд и социјална политика Рашела Мизрахи.
При посетите на Центрите, рече таа на денешната прес-конференција, од непосредна комуникација со вработените добиле сознанија и увиделе дека „состојбата е повеќе од алармантна“. Вработените ги известиле дека обуките не биле извршени во таа насока, односно за спојувања на права и услуги, туку за спојување на посебните категории поединечно.
Поради ова, како што нагласи министерката Мизрахи, од директорите на центрите за социјална работа било побарано да го известат Министерството за нивно мислење, препораки, забелешки и проблеми со кои се соочуваат по однос на законските измени и системот на интегрирано управување со случај, а од нивна страна добиле идентични позитивни одговори за кои, според неа, претходно им биле дадени инструкции од страна на кабинетски службеник на дополнителната заменик министерка.
– Сите директори едногласно одговорија. Малку е симптоматично кога ќе добиете одговори од сите директори на ЦСР во кои буквално има исти реченици. Не можевме да претпоставиме што се случувало во позадина, а од новинарите вчера дознавме дека имало комуникација во која се даваат насоки од кабинетски службеник на дополнителната заменик министерка Санела Шкријељ како директорите да одговорат, рече министерката за труд и социјална политика.
Докази за притисоците и нефункционалноста на социјалната реформа, според неа, се и пристигнатите петиции од вработени со кои барале промена на новата програма за работа, која според нив била целосно несоодветна за работа со стручната проблематика, што пак ќе резултира со тоа центрите да затаат во функционирањето.
– Овој систем ќе биде дисфункционален баш во периодот на предизборието што остава место да се размислува за манипулација преку МТСП од страна на дополнителната заменик министерка, рече министерката Мизрахи.

Затоа, таа од раководните лица и сите вработени во ЦСР бара, како што рече, да се ослободат од стегите и притисоците кои им ги прави дополнителната заменик министерката, односно власта, и да ги извршуваат работните задачи професионално, да постапуваат согласно законите, а интересите на граѓаните да ги ставаат на прво место.
Мизрахи вели дека е свесна оти овие работи треба да се решаваат во самото Министерство, а не преку медиумите, но, како што рече, таа не нашила на позитивен одговор иако неколкупати подала рака кога дошла во Министерството.
– Направивме неколку состаноци на кои побаравме достоинствено да го износиме товарот во предизборието. Станува збор за само сто дена, период во кој треба да стоиме гордо сите заедно и да покажеме пред граѓаните и меѓународната заедница дека можеме, но тоа не го дочекавме од спротивната страна. Веќе излегуваат докази за опструкција на работата на Министерството, рече министерката.
Во прилог на тврдењата дека директорите на прашањата од Кабинетот на министерката Мизрахи одговориле истоветно на прес-конференција беше приложена нивната мејл-комуникација.
Реакција од кабинетот на Санела Шкријељ
Техничката министерка за труд и социјална политика Рашела Мизрахи со денешната прес-конференција уште еднаш потврди дека работи против интересите на граѓаните, продолжувајќи да шири невистини и пропаганда за наводно неработење на Центрите за социјални работи. Граѓаните треба да ја знаат вистината, а тоа е дека центрите за социјални работи функционираат без никакви пречки и сите реформи кои се направени изминатиот период носат само бенефит на корисниците на правата и услугите, се вели во реакцијата од кабинетот на дополнителната заменик министерка Санела Шкријељ на тврдењата на министерката Мизрахи дека се вршат притисоци врз вработените и раководствата на Центрите за социјални работи.
Техничката министерка за труд и социјална политика, како што стои во реакцијата, уште пред да седне во министерската фотеља требало да знае дека новиот начин на функционирање на ЦСР го намалил обемот на работа затоа што врзувањето на правата и услугите довело до намалување на бројот на домаќинства за кои еден стручен работник ќе биде одговорен.
-На овој начин се зголеми квалитетот на работа на стручните работници, кои лани летото добија историско зголемување на платите од вкупно 26 отсто за една година. Центрите континуирано добиваат стручна помош од Министертвото за труд и социјална политика и од меѓународните организации, преку менторирање и супервизија, а предвидена е и дополнитена стручна помош и обуки соодветно на потребите, се вели во реакцијата од кабинетот на Шкријељ.
Системот на работа и организација на центрите за социјална работа (ЦСР), велат оттаму, е во процес на реорганизација и прилагодување на новите законски решенија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.