Целта на физичкото присуство на наставата за деца само од прво до трето одделение не е само заради запазување на протоколите и заради бројката на деца кои физички присуствуваат на училиштата. Било која дополнителна бројка на деца без разлика на тоа дали може или не може да се почитуваат протоколите, практично е зголемување на ризикот, смета Венко Филипче, министер за здравство.
Тој во интервју за „Локално“ вели дека тоа е причина зошто во школите каде што има доволна бројка на деца од прво до трето одделение, па и со протоколите се делат во две смени, нема на почетокот на октомври да биде дозволено дополнителна група на деца коишто ќе биде физички присутна во затворена просторија.
Ќе има исклучок, таму каде што вкупната бројка не е така голема, а во рамки на капацитетот на училиштето и моменталната епидемиолошка слика во дадена општина тоа да се дозволи. Секојдневно ја следиме ситуацијата и врз основа на тие анализи, даваме препорака.
Земајќи го во предвид искуството на другите земји, вклучително и есенскиот период во кој вообичаено се соочуваме и со други инфекции, сметаме дека наставата за децата со физичко присуство треба и мора да се одвива под строго утврдени протоколи, вели Филипче.
Пред почетокот на учебната година, Комисијата за заразни болести изготви протоколи за одржување настава со физичко присуство во основните и средните учулишта, како и алгоритам за постапување во случај на заболено лице или дете од ковид.
Многу земји кои ги отворија училиштата се соочија со ширење на заразата во училиштата, по што беа принудени некои училишта повторно да се затворат. Примери има многу и затоа ние избравме модел со кој претпазливо и постепено ги отвораме училиштата со цел да ги заштитиме децата, родителите, наставниците и јавното здравје. Во октомври со физичко присуство ќе започне наставата само за децата од прво до трето одделение заради намалување на ризикот од ширење на коронавирусот. Комисија составена од претставници на Министерството за образование и наука, Министерството за здравство и Владата ќе ја проценува состојбата и капацитетот на секое училиште одделно, и врз основа на тоа, како и на моменталната епидемиолошка слика во дадена општина, ќе дава одобрување за почеток на наставата и за повисоките одделенија, вели Филипче за „Локално“.
Вчера министерката за образование и наука Мила Царовска информираше дека 36 училишта поднеле барање за настава со физичко присуство, од кои 15 се средни и 21 се основни училишта. Рокот заврши вчера по полноќ и потоа ќе се чекаат уште три дополнителни дена за евентуални барања кои се пратени по пошта.
Таа рече дека владината комисија која ќе одлучува по барањата ќе работи тековно на секое барање како ќе пристигне и се очекува на следната владина седница веќе да има и први одлуки за да можат училиштата да ги добијат насоките за наставата која треба да започне за 20 дена.
Но, Царовска рече дека и училиштата кои поднеле барања за настава со физичко присуство ќе треба да се подготвуваат и за онлајн-настава бидејќи не се знае како ќе се менува епидемиолошката состојба.
Затоа има владина Комисија која ги разгледува барањата. Во неа има претставници од кабинетот на премиерот, МОН и Министерството за здравство и од Комисијата за заразни болести. Барањата се решаваат индивидуално. Поголемите училишта со повеќе ученици се ризик, но не би сакала да ја коментирам владината комисија. Тие треба да донесат одлука. Ние ќе ги спроведеме само одлуките од Владата. Дали во некој град ќе има или не, не е мое да коментирам, рече Царовска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.