Поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев, прати демант во медиумите во однос на вчера објавените аудио и видео снимки.

Демантот го објавуваме во целост:

Одлучно и во целост го демантирам контекстот на објавените аудио и видео снимки со мене. Ги отфрлам сите инсинуации и манипулации кои се со цел да бидам политички деградиран.

Заради објективно информирање на јавноста би сакал да го опишам контекстот на разговорите во снимките. Приметливо е дека снимките се нецелосни и се вадени од контекст со цел во јавноста да се постигне одреден наратив.

За првообјавената снимка, се што имав да кажам за случајот Дијамед, јавно и официјално го изнесов како директор на Фондот за здравство. Случајот е тежок околу 200 милиони евра. Да не заборавиме, како што е општо познато во јавноста, во банка во Монако се замрзнати 9 милиони евра, а во Македонија 2,5 милиони евра, на име на поранешната „сопственичка,, Вера Иванова.

За Ваше потсетување Ви го праќам линкот и текстот од моето обраќање на оваа прес конференција. Ве замолувам внимателно да се анализира, посебно во делот на штетните права кои се доделени со концесискиот договор од страна на државата кон Диjамед Македонија.

Од тука, треба да стане јасно зошто сум под константен напад од одредени центри на влијание. Главното прашање коешто произлегува од ова е зошто државата доделила толку штетна концесија преку која 12 милиони евра се слеани во приватни џебови?

За овој случај сум имал многу средби и разговори, некогаш официјални, некогаш консултативни а некогаш неформални. Целта секогаш беше да се најде најдобриот и најсоодветниот начин да се заштитат интересите на државата, но притоа ни во еден миг да не се загрозат услугите на пациентите на кои им е потребна дијализа. Токму во двете снимки, се разговара за можните стратешки правци за дејноста дијализа по продажбата на Дијамед Македонија.

Мојот став секогаш бил дека институциите на државата се единствени задолжени органи кои ќе го проследат овој случај.

Второ објавената аудио снимка и трето објавената видео снимка се од приватен карактер и не се поврзани со извршување на мојата јавна функција.

Како што веќе беше објавено во некои медиуми, станува збор за приватни деловни односи помеѓу мој долгогодишен пријател кој е малцински сопственик во една македонска сателитска компанија и компанија од Србија како мнозински сопственик. Бев известен од малцинскиот сопственик дека има поднесено пријава во финансова полиција и пријава до СВР Скопје, единица за стопански и компјутерски криминал, а воедно побарал и судски да се дозволи ревизија на работењето на сателитската компанија. По извесен период од овие пријави, претставници на акционерскиот капитал од Србија иницираа контакти со малцинскиот акционер со цел да се најде решение на долгогодишните проблеми. Бидејќи во тој период малцинскиот сопственик беше тешко болен и на операција во Виена, побара од мене, во својство на пријател, да му помогнам нему и неговата фамилија во тие тешки мигови со цел да се најде заедничко прифатливо решение. Објавениот разговор е токму во тој контекст. До такво решение не дојде и според моите сознанија спорот сеуште трае.

Не сум имал било какви директни или индиректни комуникации со гореспоменатите институции во врска со оваа прашање. Спомнувањето на тие институции во објавениот разговор се врз основа на информациите кои јас ги добив од малцинскиот сопственик врз основа на неговите пријави.

По заздравувањето на малцинскиот акционер јас ги прекинав сите контакти и понатаму тој си продолжи да си ги бара правата преку институциите на системот.

Објавената Видеоснимка по мое сеќавање е од поодамна и станува збор за снимка од приватен карактер. Секако, останува понатаму Државните институции да си ја вршат својата работа, пишува Дончев.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.