Доктор Мирослав Гроздановски, кој доби отказ на три години до пензија откако ја фотографираше погрешно напишаната табла за дерматовенерологија во поликлиниката Букурешт, заминува во приватното здравство.

Во меѓувреме министерот за здравство Венко Филипче, во вторник ќе ја добие петицијата во која над 3.600 граѓани побараа доктор Гроздановски да биде вратен на работа.

Официјалната причина за отказот не е тоа што докторот ја фотографирал таблата каде името на одделот дерматовенерологија беше погрешно испишано, туку тоа што одбил да биде прераспределен во друга поликлиника, односно во таа на Бит Пазар.

Сепак, доктор Гроздановски за „Слободен печат“ вели дека е уверен дека причината за таа прераспределба е самиот факт што ја фотографирал таблата, како еден вид на одмазда.

Имам неколку понуди во приватното здравство и од септември ќе прифатам една од нив. Морам да ја сервисирам мојата егзистенција. Чекав, културно напоменав дека решението за моја прераспределба дојде еден ден откако ја фотографирав таблата погрешно испишана, но нема одговор од надлежните. Искрено ми е жал што повеќе нема да им бидам на услуга на пациентите во системот Мој Термин, за терапија, помагала, мислење за туѓа нега, боледувања, зашто тоа можев да го правам само во државното здравство а не во приватното. Меѓутоа, морам да се грижам за мојата егзистенција. Општествениот фактор е глув, учтиво чекав и цивилизирано, барем да се извинеа, но ништо – вели доктор Гроздановски.

Доктор Ненад Лазаров ја почна петицијата за враќање на Гроздановски на работа и во вторник ќе биде доставена до Министерството за здравство.

Собравме повеќе од 3.600 потписи за поддршка на почитуваниот колега а против неправдата која му е нанесена. Петицијата е отворена до понеделник, а во вторник ќе биде доставена до ресорното министерство. Тешко се менуваат овде работите, но навистина е важно вакви работи да не се премолчуваат – вели д-р Лазаров.

Менаџментот на Здравствен дом Скопје, негира дека отказот бил поради фотографијата, туку затоа што доктор Гроздановски одбил прераспределба во поликлиниката Бит Пазар и три дена не се појавил на работа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.