Долгогодишниот невролог, доктор Мирослав Гроздановски, кој пред еден месец ја фотографираше погрешно испишаната табла за „дерматовенерологија“ во поликлиниката „Букурешт“, а која подоцна стана вирална на социјалните мрежи, доби отказ 3 години пред да добие пензија, пишува „Слободен печат“.

Тој за „Слободен печат“ ја потврди информацијата и рече дека неговиот сомнеж е дека токму објавувањето на погрешно испишаната табла, претставувало основа да биде отпуштен од работа.

Иако формално-правно причините за отказот се поинакви, проблемите почнале да се случуваат еден ден по фотографирањето на таблата, кога доктор Гроздановски добил решение за прераспределување во друга поликлиника – онаа на Бит-пазар.

Бидејќи доктор Гроздановски формирал невролошки кабинет во поликлиниката „Букурешт“, а во оваа здравствена установа имало само двајца лекари од специјалноста неврологија, од кои другата колешка била многу помлада од Гроздановски, тој одбил да биде прераспределен, по што настапил отказот.

Пишува дека неоправдано сум изостанал три работни дена, на 26, 27 и 28 јули. Последен ден што бев на работа, беше во саботата на 24 јули. Дојдов во „Букурешт“ додека бев на одмор во петокот и бев блокиран, не можев да влезам во системот. Веќе ме префрлиле на Бит-пазар. Од понеделникот, се разбира, не отидов на Бит-пазар и веднаш ми дале отказ и ме одјавија, така што сега сум невработен доктор специјалист по неврологија на три години пред пензија. Е, тоа е мојата приказна. Како одеднаш од таков професионалец невролог, како што ме нарекуваше директорот, добив експресен отказ за три дена без да бидам викнат на разговор и без да се најде решение – вели доктор Гроздановски, за „Слободен печат“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.