Епидемиолошки, не се исполнети критериумите кои гарантираат безбедност и здравје на учениците, доколку тие сега, во овој период би ја започнале наставата со физичко присуство. Во услови кои ги нудат нашите училишта, заразата уште повеќе се се прошири – тврди д-р Сашко Олумчев, епидемиолог во ЈЗУ Центар за јавно здравје Велес, ПЕ Гевгелија.

Докторот со долгогодишно искуство во својата област, за ,,Фокус” вели дека и покрај тоа што враќањето на учениците во училиштата и наставата со физичко присуство е најпосакуваното сценарио, сепак не се создадени технички услови за такво нешто и најдобро би било доколку наставата започне онлајн.

За протоколот на настава за учебната 2021/2022 година, кој пред неколку дена наставниците им го доставија на учениците, а кој беше објавен и во „Фокус”, епидемиологот раскажува дека е далеку од здрава логика.

-Нема шанси да се спроведе протоколот! Не постојат базични услови за спроведување на овие протоколи во нашите училишта. Далеку е од здрава логика – појаснува д-р Олумчев.

Инаку, во протоколот има 38 точки, и потенцирано е дека е забранет секаков физички контакт помеѓу учениците и вработените, наведено е дека секоја училница и инвентарот ќе се дезинфицира по завршувањето на секоја смена, исто така и на големиот одмор ќе се врши дезинфекција.

Родители од неформалната група која ја поддржува онлајн наставата, и инсистира на онлајн настава барем на почетокот на учебната година, додека секојдневно се соочуваме со голем број на новонфицирани и починати лица, исто така прашуваат како е возможно да се спроведе протоколот, посебно кога станува збор за деца.

Колку хигиеничарки ќе бидат ангажирани за да се постигне сето тоа, целата таа процедура со дезинфекцијата, со оглед на тоа што во училишта каде се учи во две смени, се случува паузата да биде помала и од половина час, дали учениците ќе можат да се придржуваат до строгиот протокол и да не ги вадат маските по шест, па и седум часа, и чија ќе биде одговорноста доколку некое дете се инфицира во училиштето, па и го донесе вирусот дома, се актуелни прашања овие денови. Прашуваат како ќе одвива паузата за ужина, кога треба да се симнат маските, но алармираат и за стресот кој ќе им се наметне на децата, со строгите протоколи според кои им се забранува секаков физички контакт.

На можноста од настава со физичко присуство да бидат ослободени ученици со ретки болести или попречености, како и оние во чии семејства има хронични болести, гледаат како еден вид на удар врз приватноста на овие ученици и нивните семејства, кои можеби и не сакаат нивната здравствена состојба да биде позната на околината во која живеат, учат или работат.

Според д-р Олумчев, стравовите на родителите се оправдани. Учениците се популација која не е доволно вакцинирана, со што се создаваат услови за побрзо ширење на вирусот помеѓу нив.

Тој не е единствениот здравствен работник кој деновиве јавно излезе со ставот дека нема услови за започнување на учебната година со физичко присуство на учениците. Голем број на негови колеги со делат истото мислење, а поддржани се од десетици илјади родители, кои членуваат во социјалните групи кои се за онлајн настава.
Сепак, Главниот кризен штаб уште на 16-ти август препорача настава со физичко присуство и полн капацитет со примена на ковид мерки. На денот кога беше донесена препораката, во земјава имаше 5.937 активни случаи на вирусот, односно на 16-ти август беа регистрирани 296 нови случаи и осум починати лица.

За споредба, според вчерашниот извештај на МЗ, во земјава се активни 14.360 случаи на вирусот, а изминатиот период дневно се регистрираат и над 1.000 новоинфицирани лица.

Бројот на починати од вирусот во изминативе две недели исто така е алармантен. Според информации од Министерството за здравство, од 16-ти август, кога беше донесена препораката за настава со физичко присуство, па се до вчерашниот ден, односно во рок од две недели, дури 318 лица ја изгубиле битката со вирусот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.