Ништо не е готово во врска со името, ние тој договор со Грција никогаш нема да го прифатиме – истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во дуелот со Зоран Заев на Канал 5 телевизија.

Тој потенцираше дека многу држави низ историјата капитулирале како што тоа го направи Зоран Заев со договорот од Преспа, па години подоцна се вратиле на вистинскиот пат. ВМРО-ДПМНЕ кога ќе дојде на власт, тврди лидерот на опозицијата, ќе работи да ги исправи целокупните последици на како, што вели, капитуланскиот договор со Грција.

-Ништо не заштитиле, ние не сме Талибанци па се што било позади нас да бришеме, да кинеме, да палиме или да негираме како што тоа го прави господинот Зоран Заев. Но ќе работиме целокупната последица која е резултат на овој договор да ја исправиме и тоа никогаш нема да престанеме да го правиме. Држави капитулирале, па години потоа се обединиле и станале светски веле сили, ништо не е готово. Сите што ви викаат дека се е готово, тоа не е точно, вели Мицкоски.

Тој нагласи дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е познат од самиот почеток – дека тоа за нив е капитулантски чин и дека практично на тој начин ние се себеодрекуваме.

Ниту во еден момент не сме подготвени да го прифатиме со оваа содржина каков што е, посочи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашната дебата на Само вистина на Канал 5.

Според него, со Преспанскиот договор СДСМ и Зоран Заев не само што не ги заштитила националните и државните интереси туку се одрекла од сѐ што е македонско.

-Тука сме кристално јасни дека таа содржина на договор не само што не ги заштитува нашите национални интереси туку напротив вековно се одрекува. Според овој договор ние сме Македонци како во резерват во овие 25 илјади квадратни километри, вели Мицкоски.

Мицкоски му порача на Заев дека ги избришал корењата на неговите и на сите деца.

-Не господине Заев, вие им ги избришавте корењата на нашите деца, му се обрати Мицкоски на својот соговорник.

Мицкоски, додаде дека ВМРО-ДПМНЕ ќе работи напорно и ќе ги исправи сите грешки од договорот, односно како што рече тој ништо не готово иако некои ве убедуваат дека се е завршено.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.