За локалните избори е потврдена соработка помеѓу опозициските ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса и Алтернатива.

Лидерите на трите партии, Христијан Мицковски, Зијадин Села и Африм Гаши, на средба постигнале договор за соработка на претстојните локални избори што треба да се одржат во октомври. За деталите за соработката ќе се договараат општинските организации на трите партии.

Тема на ова средба беа претстојните локални избори и можноста за опозициска соработка помеѓу овие партии, при што како главен мотив беше посочена борбата против корупцијата и криминалот застапени во општините раководени од СДСМ-ДУИ. Тројцата претседатели констатираа дека водејќи се од извештајот на Транспаренси Интернешенл, според кој Македонија е рангирана на историско најлошото 111 место, станува неминовна опозициската соработка, со цел единиците на локалната самоуправа да бидат ослободени од корупциското владеење, од нетранспарентното трошење на пари и од злоупотреба на власта на СДСМ и ДУИ на сите нивоа на државната управа – информираа трите партии во заедничкото соопштение.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.