Додека фамилијата на премиерот Зоран Заев, се гоштева на богати трпези и јаде од златни лажици и виљушки, дел од најсиромашните граѓани не ја добија државната помош од сто евра, со кои колку толку требаше барем да ги поминат новогодишните и божикните празници.
И додека Заеви си уживаат во празничната идила, од Влада без срам најaвуваат петти пакет антикризни мерки, а најпогодените граѓани и стопанственици се уште ги немаат добиено парите од четвртиот пакет мерки кои требаше да заврши со исплата во крајот на декември минатата година.
Илјадници граѓани сѐ уште ги чекаат ветените 6.000 денари. Владата сѐ уште ги нема подготвено измените на Законот за финансиска поддршка за граѓаните кои не успеаја во декември, да можат сега да ги земат ветените шест илјади денари од државата.
Вкупно 22 илјади граѓани ќе чекаат предлог измените да пројдат на владина седница, за потоа истиот предлог да биде испратен до Собранието. Без зелено светло од пратениците во Собранието банките нема да можат да ги исплатат парите на граѓаните.
Додека граѓаните ги чекаат парите, од Владата уверуваат дека целиот процес ќе заврши до крајот на овој месец.
Измените на Законот за финансиска поддршка се во подготовка и во најскоро време ќе бидат разгледани на седница на Владата, а јавноста ќе биде информирана. Со измените ќе се овозможи на околу 22 илјади граѓани кои не успеаја да ги ажурираат податоците за банкарските сметки тоа да го сторат во определен рок за да може да се изврши исплатата на помошта од по 6.000 денари Очекуваме процесот да заврши во текот на овој месец, откако за законската измена ќе се изјасни Собранието, велат од Владата, пренесува Алсат телевизија.
Пари треба да добијат и уште 2.132 граѓани чии приговори се прифатени. Дел од граѓаните поради законските рокови не ги подигнаа парите бидејќи не успеаја да отворат нова трансакциска сметка, да ги ажурираат податоците по барање на банките или да отворат наменска сметка ако им била блокирана постоечката.
Оваа мерка е дел од четвртиот сет на економски мерки и за неа беа одвоени 27 милиони евра од буџетот. Но досега не е соопштено, колку пари се префрлени и на колку точно граѓани. Првично од Владата соопшти дека помош ќе добијат околу 280 илјади граѓани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.