Ќе одговори ли Венко кога Република Македонија ќе започне со вакцинација? После 10 месеци од првиот инфициран случај во државата, ние сме застанати во процесот на едукација како сами да се заштитиме од вирусот. Додека соседните земји го започнаа вакцинирањето, кај нас во тек е кампањата “Празнувај одговорно”! Треба некој да му каже на Филипче дека бројот на лајкови и коментари не е показател дали е успешен или не, изјави денеска Марија Митева.

– Што вели компаративната анализа со соседните земји? Србија започна со вакцинација на 24.12.2020 година, Бугарија започнува на 27.12. a Грција на 01.01.2021 година. Додека во другите земји се работи со план, програма, конкретни датуми и рок на реализација, ние слушаме нови оправдувања. Светската здравствена организација одговори дека нема конкретен датум кога првите дози ќе стигнат во Македонија и посочуваат дека освен од достапноста на дозите, тоа зависи и од подготвеноста на земјата, вели таа.

– Следејќи ги европските програми во кои се потенцира редоследот на вакцинирање на целните групи, можеме да заклучиме дека граѓаните на Република Македонија ќе започнат со вакцинација во втората половина на 2021 година.Но, ова би било реално само доколку се обезбедат вакцините во aприл 2021 година. Согласно искуството досега, како со начинот на справување со пандемијата така и со вакцините за сезонскиот грип, можеме да претпоставиме каков ќе биде исходот. Ќе се радуваме и ќе поздравуваме соседни земји кои ќе се одлучат да донираат дел од вакцините. Од тоа почитувани граѓани треба да очекуваме само нова кампања, оставка и одговорност од оваа гарнитура на власт, за жал, нема, додаде Митева.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.