Идејата за отворени и безбедни граници за сите е еден од столбовите на кои се потпира Европската Унија. Јакнењето на националните капацитети во делот на интегрираното гранично управување е од исклучителна важност за нашата земја на нејзиниот пат кон исполнување на ЕУ и Шенген стандардите, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната презентација на Предлогот за организациска структура, човечки ресурси и управување со човечки ресурси за Одделот за гранични работи и миграции и Регионалните центри за гранични работи, подготвен во рамките на твининг проектот „Усогласување на националниот систем со ЕУ и Шенген барањата за гранично управување“ – ИПА 2016, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Како што објаснуваат, станува збор за проект што веќе се реализира во рамки на реформските зафати во министерството и треба да биде завршен до средината на оваа година.
Во нивното соопштение се додава дека министерот Спасовски потсетил дека уште при отпочнувањето на овој проект беше јасно дека МВР и останатите институции задолжени за спроведување на законот ќе преземат серија на сложени прилагодувања чија крајна цел е успешно прифаќање на ЕУ стандардите во сите области поврзани со граничното управување.
Подобрување на политиките за човечките ресурси и управувањето со човечките ресурси во Министерството за внатрешни работи беше една од главните активности предвидени во рамките на овој проект. Како резултат на неколкумесечното работење од страна на ангажираните експерти од Министерството за внатрешни работи на Република Словенија, во рамки на твининг проектот, а во соработка со колегите од Одделот за гранични работи и миграции изработен е Предлог за организациската структура, човечките ресурси и управувањето со човечките ресурси за Одделот за гранични работи и миграции и регионалните центри за гранични работи, нагласил Спасовски.
Инаку, проектот „Усогласување на националниот систем со ЕУ и Шенген барањата за гранично управување“ – ИПА 2016, за чија што реализација како твининг партнер беше избран конзорциум Словачка-Словенија, стартуваше на почетокот на февруари 2019 година со рок за реализација од 24 месеци, а за таа намена беа издвоени околу еден милион евра средства од ИПА фондовите на ЕУ.
Проектот е поделен на две компоненти, од кои првата е подготовка на Патоказ за прифаќање на европското законодавство во делот за Шенген, со надградба на законодавството во делот на Интегрираното гранично управување и развој на Акциски план за Шенген и втората, јакнење на административните и техничките капацитети во делот на Интегрираното гранично управување.
Повеќе од 24 часа јавноста и медиумите бараат реакција од Спасовски и одговорност за бегството на обвинетиот Сашо Мијалков. Тој најави прес-конференција за попладнево во 14.30 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.