ДУИ не ја разбира потребата на СДСМ и на Зоран Заев за свикување на Собранието во екот на здравствената криза. Резервираноста на коалицискиот партнер на СДСМ дотолку е поголема затоа што за сите итни закони кои треба да се донесат за справување со корона-кризата, прогласена е вонредна состојба, која на Владата ѝ дава право да носи уредби со сила на закон.

Во кулоарите веќе се шпекулира дека потегот на Зоран Заев е обид за политичко преживување на корона-кризата. Според наши извори, во игра е сценарио според кое Заев ќе се обиде да избоксува избори во јуни или јули наместо да чека до октомври, односно декември, кои ќе значат политички спас за партијата на власт. Надежта на претседателот на владејачката партија за јунската, односно јулската победа произлегува од две причини: минималната излезност на избори кои би се одржале веднаш по олабавување на мерките во борбата против коронавирусот и краткиот рок во кој нема во целост да се почувствуваат последиците врз економијата предизвикани од лошото менаџирање на здравствената криза.

Корона-кризата целосно го фрли во сенка приемот во НАТО, а недобивањето датум оди само во прилог на неостварените ветувања и шарените лаги на Зоран Заев, така што владејачката партија ќе се обиде да ја искористи корона-кризата во своја полза и природниот тек на пандемијата со пад на кривата да го претстави како сопствен успех. Но, со секој изминат ден допрва ќе се чувствуваат последиците врз економијата што ги предизвикаа мерките што ги презема владата за справување со болеста.

Стопанската комора веќе реагираше на чекорите што ги презема владата и предупреди дека се заканува голема економска криза доколку владата продолжи со економските политики.

И градоначалникот на Куманово од редовите на СДСМ Максим Димитриевски јавно обвини дека „има луѓе од власта кои се спремни на се, само за да дојдат до лична цел“.

Во корист на оваа теза се и неодамнешните акции на СДСМ во Струмица и Куманово, каде што под превез на хуманитарна помош се дели по списоци, како што во минатото се користело како параван за поткуп на гласачи. Затоа, легитимно е прашањето дали и зад овие вреќи компири се крие некое „честење“.

Триесетина пратеници од СДСМ, НСДП, независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса на Албанците, Алтернатива и ДПА се потпишани на иницијативата на пратеничката група на СДСМ за свикување седница на Собранието на која би се потврдиле двете одлуки на претседателот на државата за прогласување вонредна состојба во државата од по 30 дена поради пандемијата со ковид 19. Иницијативата ќе биде поддржана и од Беса, но нема да ја добие поддршката на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.