Лидерот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи, денеска ја прими првата доза на вакцина и порача и останатите да се вакцинираат. По неговата објава на социјалните мрежи следеа доста реакции, зошто многумина постари лица пријавени уште од првиот ден на vakcinacija.mk сè уште не добиле повик за вакцинација.

Кога има проблем мора да се делува, а не да се стои на страна. Проблемот е очигледен: многу луѓе се немаат пријавено за вакцинација, што е единствен начин да се стави крај на пандемијата. Јас се пријавив уште пред 1-2 месеци на web порталот. Ме поканија и истрчав да ја примам вакцината.
Ги повикувам сите средношколци, сите студенти, сите млади – говорете со вашите родители, роднини, баби, дедовци и соседи, објаснете им колку е важно да се вратите во школските клупи во септември, колку е важно животот да се врати во нормала. Тоа е единствено можно преку масовна вакцинација. Нека се пријават и вакцинираат. И себе ќе си го заштитат здравјето а нам ќе ни ги заштитат образованието и иднината, пишува Ходаи на „Фејсбук“.

Иако вети, министерот за здравство Венко Филипче денеска потврди дека до утре нема да бидат повикани сите што се пријавиле до 30 април. Тој го продолжи тој рок до понеделник, односно до 17 мај, но и тоа не е гаранција дека ако сте се пријавиле ќе бидете вакцинирани, зошто според министерот „тие под 40 години можат и нешто повеќе ќе почекаат“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.