Вакцинацијата против корона вирусот започна речиси во цела Европа и светот, но не и во Македонија.

Почнувајќи од 26-ти месецов сите земји членки на ЕУ веќе ја користат вакцината со цел имунизација и побрзо спречување на пандемијата од корона вирусот. Во Европа не започна само во земјите од ЕУ . Вакцинацијата неколку денови претходно започна во Швајцарија, но и во соседна Србија.

Во меѓувреме во Македонија наместо вакцини добивме видео од министерот за здравство Венко Филипче за тоа како да ја славиме новогодишната ноќ. Владата наместо вакцини, продолжи со пи ар кампањата која ја тера уште од почетокот на пандемијата и на која и посветува поголемо внимание отколку спасувањето на животи.

За разлика од македонската влада, владата на Србија и претседателот Александар Вучиќ, сериозно ја сфатија состојбата со корона вирусот и неопхопдноста од вакцинација. Поради тоа уште пред да започне вториот брат тие влегоа во преговори со речиси сите производители на вакцини па дури и за руската вакцина. Како што тогаш изјави српскиот претседател Вучиќ, за Србија вакцинацијата не е политика, туку спас на животи, особено млади, но и спас на економијата.

Поради тоа што навреме влегоа во преговори, успехот беше тоа да започнат со вакцинација пред сите земји членки на ЕУ за што добија пофалба од бројни западни медиуми, особено од бриселски „Политико“.

Србија економски и геостратешки е слична на Македонија, но Македонија не започна со вакцинација. Македонската влада не преговараше директно со производителите на вакцини се до декември. Најголема надеж гледаа во КОВАКС системот, а потоа во Грција и Бугарија. Но тие нивни надежи доведоа до тоа да Македонија не може да се вакцинира пред март 2021 година. Зошто владата не набави навреме вакцини? Уште во септември Македонија добила понуда да ја добие руската вакцина, но во руската амбасада од каде ја испратиле понудата, никогаш не добиле одговор.

Прилично несериозно од нашата влада така да пристапува кога во прашање се спасување на животи. Причините беа јасни, тој период имаше многу политика околу тоа прашање и скептицизам, но да биде апсурдот поголем КОВАКС системот сега нас ни ја додели руската вкацина. И наместо навреме да се вакцинираме со истата, сега треба да ја чекаме до март.

Уште една работа, зошто нашата влада толку чекаше да влезе во преговори со производителите, зарем не знаеја дека колку порано преговараат толку побрзо ќе ја добијат вакцината?

Смешни се изговорите дека се немало финансии. Истиот период се изнагледавме владини доделувања на пари за невладини, непотребни трошења, но и кондоми и лубриканти, како и пи ар содржини за тоа како власта одлично се справува со пандемијата и како треба херој да ни биде министерот Филипче.

Затоа неверојатно е како владата не ја стави вакцинацијата како број еден приоритет. Сите овие други работи можеа да почекаат, дури и пи ар-от на министерот, но вакцинацијата не. Секој изминат ден без вакцина значи повеќе заразени, поголемо ширење на вирусот, но и повеќе починати.

Владата предводена од СДСМ и ДУИ мораше да даде приоритет на вакцинацијата, но поважни беа сите други нешта, па дури и изборите во Штип и Пласница. Токму затоа се до март и понатаму владата мора да сноси одговорност за секој загубен човечки живот поради корона вирусот.

И не само за човечките животи, владата е одговорна и за поголемата штета која ќе настане врз економијата. Македонија најдолго ќе биде затворена за остатокот од Европа и се затоа што за владата вакцинацијата не беше приоритет и потфрли навреме да ја набави.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.