Доцна синоќа благодарение на Скопската противпожарна бригада беше изгаснат пожарот околу велешкото езеро Младост, кој беснееше околу осум часа,а му се закануваше и на градот.
Изгорена е голема површина со борова шума и сува трева, а материјалната штета е огромна. Во гаснењето на пожарот учествуваа пожарникари од Велес, Свети Николе, Штип, Кавадарци, Неготино и Скопје, како и два канадери на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и еден армиски хеликоптер.

Ним напомош им дошле и околу 150 вработени од ЈП „Македонски шуми“ и стотина вработени од велешкото јавно комунално претпријатие „Дервен“ со цистерни, припадници на АРМ.

Од полиција најавија дека утре ќе ги објават деталите за сторителите на пожарот, кој бил предизвикан поради невнимание. Четворица вработени во браварска работилница вршеле работа, при што од искрење се запалила блиската трева, а огнот бргу се проширил и предизвикал огромна штета.
Вкупно се опожарени 400 хектари површина, од нив изгорена е педесетгодишна црноборова шума на 200 хектари и исто толку трева, изјави Зоран Ѓеоргиев директор на ЈП Македонски шуми.

Стручњаците предупредуваат дека исто толку години, педесет, ќе треба да се обноват шумите околу рекреативниот центар Езеро Младост.
Изгорена е свињарска фарма и една викендичка. Вечерва пожарот е локализиран. Имаме дежурни екипи кои се на терен и се внимава на можноста огнот повторно да пламне. Го локализиравме и пожарот кој пламна близу село Ораовец, кое е во друг дел од Општината. Таму гореше нискостеблеста дабова шума, изгореа десетина хектари, рече Љупчо Лепидовски, командир на Пожарната на Велес.

Огнот кој пламна околу 11.40 на влезот во Велес од правец на Скопје, потоа се префрли кон Езеро Младост и автопатот Велес – Скопје, па се спушти до автопатот Скопје – Велес кај наплатна рампа Сопот. Поради тоа, неколку часа автопатот беше затворен за сообраќај. Во еден момент огнот се приближи до населбата Отовица, но со ангажман на ангажираните лица, биле ископани ровови, поставена земја за пожарот да не се прошири и населбата била спасена.
Беше дpаматично, пожарот се приближуваше, но се спасивме инаку сè ќе изгореше, велат жителите на Отовица. Попладне силниот северен ветер го распламти огнот и тој го зафати влезот на Велес, по што изгоре еден дел од отпад „Дине“.

Од Македонски железници велат дека патничкиот воз од Велес за Кочани не отпатувал, нема да сообраќа ниту утринскиот до Кочани за Велес. Од огнот изгореле стотина железнички прагови и стручни лица треба да решат дали делницата до Кочани е употреблива. Во гаснењето на огнот учествувал и железничкиот противпожарен воз.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.