Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците од денес функционира во нови простории. Иако и во самото соопштение од министерството на Артан Груби објекот е претставен како нов, станува збор за зграда од проектот „Скопје 2014“ на владата на Никола Груевски.

Во времето кога беше претставен, како и додека се градеше, објектите од овој проект раководството на СДСМ ги карактеризираше како кич, пропадната инвестиција, стиропорни згради и уште многу други епитети и ветување дека веднаш штом дојдат на власт ќе ги рушат, за денеска и оваа зграда изградена „во режимот“ да биде пуштена во употреба и тоа со свечена прошетка на првите луѓе во државата.

Таканаречената „инаугурација“ на новиот објект ја направија премиерот Зоран Заев, лидерот на ДУИ Али Ахмети, претседателот на Собранието Талат Џафери, вицепремиерот Љупчо Николовски и секако гордиот министер и вицепремиер Артан Груби, кој и на „Фејсбук“ неколкупати се пофали со новата зграда. Прикладно, „режимската зграда“ потоа беше крстена и со уште еден „свечен момент“ – роденденот на Ахмети, кој беше прославен со симнување на маските, оние видливите.

Како што велат од кабинетот на Груби, овој објект во вредност од 14 милиони евра ќе биде новиот дом на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Груби не остана без да спомене дека ова Министерство го наследи Секретаријатот за имплементација на Охридскиот договор кој на 17 март 2019 година со две третини од гласовите, односно 80 гласа ЗА во собрание беше претворен во министерство.

Погледнете ги новите простории за 44-те од 1.410 вработени кои всушност ќе одат на работа:



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.