Собранието на Република Македонија денеска напладне ќе ја продолжи седницата за избор на новата Влада.

Откако вчера мандатарот Зоран Заев ја образложи владината ­програма, предлог ­составот на новата Влада и нејзината програма е единствена точка на дневниот ред од продолжението на 10-тата седница на Собранието.

Владата треба да биде избрана најдоцна денеска на полноќ. За избор на нова Влада треба да гласаат најмалку 61 пратеник. Во новата Влада, министри ќе имаат СДСМ, ДУИ и БЕСА, кои имаат мнозинство од 62 пратеници.

Вчера имаше низа забелешки за кадрите кои треба да седнат во министерските фотелји и за програмата која според опозицијата е „уште едно лажно ветување на СДСМ и Зоран Заев кон граѓаните“.

Заев во експозето рече дека доаѓа време на ред правда и дисциплина, време на почитувње на правосудството и неселективно владеење на правото.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, порача дека ќе има демонстрации против лагите на владата и дека тоа ќе се гледа по македонските градови и села.

Оваа коалиција ќе биде срушена на масовни демонстрации во македонските градови и села. Демонстрациите ќе почнат уште оваа есен, затоа што капацитет за запирање на поларизацијата нема, а нема капацитет ни за реализација на ветувањата. Народот се чувствува излажан и несоодветно претставен во оваа влада, рече Николоски.

Неговиот сопартиец, пратеникот Антонио Милошоски смета дека граѓаните немаат доверба во оваа власт. Тоа што недостига во експозето на Заев, рече тој, е да објасни дали коалиционите партнери ДУИ се уште ги смета за „корумпирани и како канцер на општеството“, како што тврдеше во предизборието.

Иако поголемиот дел од дебатата се одвиваше меѓу пратениците на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, реагираа и од Алијансата за Албанците. Пратеникот Скендер Реџепи посочи дека предложените министри од редовите на ДУИ нема да придонесат за зголемување на стандардот на Абанците во земјата.

ДУИ имаше 20 години министри во клучни ресори, но тие не направија ништо за Албанците, рече Реџепи.

Арбр Адеми од ДУИ му реплицираше на Реџепи, велејќи дека ДУИ, секогаш пишувале историја, за прват имаме претседател на Собрание, ќе имаме и претседател на влада и сето тоа е во насока на толеранција меѓу етничките заедници и оти нема цел која е неостварлива за Албанците.

Вчерашната седница помина и во знакот на меѓусебни забелешки кај некои од пратениците и собранискиот спикер, Талат Џафери, во врска со доцнењето, затоа што седницата започна со 40-на минути задоцнување и неприсуството на предложените министри во собраниската сала.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.