Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов изразува благодарност што Државната комисија за спречување на корупцијата ќе поведе постапка за проверка на неговата имотна состојба.
Претседателот Иванов порачува дека чесен влегол во политиката и чесен ќе излезе на крајот од неговиот втор мандат.
Ја охрабруваме Државната комисија за спречување на корупцијата да постапи по овој случај. Но, исто така, ја охрабруваме Комисијата на ист начин да постапи и со сите други носители на државни и јавни функции во Република Македонија, онака како што постапува во случајот со претседателот Иванов, пишува во соопштението од Кабинетот на претседателот.
Државната комисија за спречување на корупцијата денеска објави дека ќе врши проверка на имотот на претседателот Ѓорге Иванов.
Како што изјави денеска на петтата седница претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, Антикорупциската комисија проверката ќе ја врши по допрен глас, согласно членовите 92 и 85.
Мандатот на Иванов му истекува на 12 мај годинава, а проверката на имотната состојба е со цел да се види каква промена има во имотот на претседателот во двата негови мандати.
Минатата недела ДКСК објави дека предмет на постапка на Антикорупциската комисија ќе бидат предизборните унапредувања и именувања во Армијата што, како што наведоа оттаму, Иванов ги потпишал во предизборен период.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.