Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ од Штип Иван Јорданов на прес-конференција обвини дека министерот за здравство Венко Филипче спроведува операција на заташкување на случајот со смртта на 41-годишната пациентка во Штип. Според Јорданов истрагата треба да ја спроведе директорот, кој бил на смена тој ден токму на тоа одделение.
Нашите извори говорат дека, кобниот ден, кога се случила драмата на Инфективното одделение во Штип, директорот на Клиничката болница близок кадар на Венко Филипче Ален Георгијев бил на смена како дежурен лекар токму на тоа одделение. По инспекцискиот надзор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат на директорот му е дадено овластување веднаш да ја свика Комисијата за следење на квалитет која ќе ја утврди фактичката состојба за спроведеното лекување на пациентката и околностите кои довеле до смртен исход. Значи случајов со смртта на пациентката која не добила кислород треба да го испитува и решава директорот на клиниката кој бил дежурен тој ден, а е познато дека е близок кадар на Венко Филипче, обвини Јорданов.
Според пратеникот од Штип, директорот на болницата Ален Георгијев по распоред бил на Инфективно, па оттаму има индиции дека самиот е одговорен за споменатата случка.
Тоа значи дека директорот на Филипче, Ален Георгијев сам на себе треба да си констатира неодговорност и пропуст при извршувањето на лекарските задачи во организацијата каде што е раководител. Поставувањето на директорот на Болницата во Штип Ален Георгијев да го испитува случајот за смртта на 41 годишната пациентка која почина молејќи за кислород кога тој самиот дента кога починала е одговорен и на смена во болницата укажува дека Филипче спроведува операција за заташкување на одговорноста за овој случај. Очигледен е не само менаџерски, туку и лекарски пропуст, кој за жал резултирал со смрт на пациент.
Во името на ВМРО-ДПМНЕ тој побара Државниот санитарен и здравствен инспекторат јавно да го објави извештајот од Клиничката болница.
По втор пат, го повикуваме јавното обвинителство да истражи дали има вистина во ова што го зборуваме и дали навистина најголема одговорност за овој случај треба да преземе токму директорот на Клиничката болница во Штип! И бараме оставки за директорот на штипската болница Ален Георгијев, кој бил одговорен дента кога починала пациентката и на најнеспособниот Венко Филипче кој го прикрива случајот. Го повикуваме и Директорот, да излезе пред јавноста не со дрски објави на социјалните мрежи, туку да образложи кој ќе сноси одговорност кога тој како лекар и директор е најодговорен за случајот со 41 годишната пациентка, рече Јорданов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.