Вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, во интервју за белградска ТВ „Н1“ вели дека во односите меѓу Србија и Македонија нема посебни проблеми.

Тој воедно наведе дека иако земјите од регионот зборуваат за потребата од соработка, меѓусебните конфликти повремено излегуваат на површина.

Не би рекол дека има некои посебни проблеми. Има разбирање, мислам дека имаме повеќе или помалку заеднички цели. Имаме заедничка историја, минато, сакаме да имаме заедничка европска иднина. Србија тргна по тој пат, ги започна пристапните преговори, за жал ние се уште чекаме и тропаме на таа врата, иако бевме меѓу првите во регионот што го почнавме тој процес – изјави Димитров.

Тој потсети дека поминаа 20 години откако е потпишан Договорот за стабилизација и асоцијација, пред Хрватска.

Хрватска оваа година слави осум години од членството, а ние се уште не сме го почнале тој процес. Како што знаеме, главната пречка беше Грција и проблемот со името и ние го решивме тоа. И во моментот кога навистина ни требаше успех, сега, за жал, уште еден сосед, Бугарија, ни создава нова пречка. Заедно со Белград сме во иницијативата „Отворен Балкан“. Мислам дека тоа отвора дополнителни можности за соработка. Така да имаме чести контакти и средби – вели Димитров.

Тој додава дека Балканот не е центар на вселената и наведува дека Европа има други, внатрешни проблеми, проблеми со одлучувањето и функционирањето.

И можеби легитимното прашање е дали со влезот на шесте држави од т.н. Западен Балкан ќе донесеме некоја вредност и решенија или ќе донесеме повеќе проблеми. Значи ние како регион имаме интерес да покажеме дека носиме решенија, дека сме доволно свесни да преземеме сами одговорност и да ги решаваме нашите проблеми. Колку повеќе соработуваме, толку стануваме повредни во очите на земјите-членки. Истото е и во економска смисла – вели Димитров.

Според него, заедничкиот регионален пазар на некој начин е подготовка за влез на заедничкиот европски пазар.

Важно е оваа иницијатива (Отворен Балкан) да биде отворена за сите бидејќи е малку тешко да се зборува за регионална соработка доколку не е вклучен целиот регион. Факт е дека од неа имаме очигледни придобивки. На пример, договор за взаемна помош при природни катастрофи. Мислам дека оваа иницијатива ни помага во начинот на кој не гледаат. Граѓаните на земјите-членки на ЕУ генерално не прават јасна разлика меѓу Србија и Македонија – оценува Димитров, кој додаде дека сликата и перцепцијата за регионот е приближно иста.

Димитров додава дека поради тоа на Македонија и одговара кога има добри вести од Белград, од Подгорица.

Колку повеќе добри вести од една земја, толку подобро за целиот регион. Со тоа што треба малку да се прејдеме на дела. Зборуваме многу за регионалната соработка, а сепак имаме големи, очигледни проблеми. Повремено тие избиваат на површина, па ги совладуваме, па пак избиваат, пак ги совладуваме – наведува Димитров.

Прашан како гледа на последниот извештај на ЕК за напредокот, Димитров вели дека македонските граѓани со нетрпение го очекувале тој извештај.

Тоа беше на некој начин оценка каде се наоѓа земјата, важна за владата, важна за народот. За жал, нашето искуство е лошо, бидејќи првиот позитивен извештај дека сме подготвени, го добиеме пред 12 години, 2009 година. И оттогаш имаме низа позитивни извештаи, но тие не беа придружени со никакво дејство, не се одразуваат на почетокот на преговорите. Јасно е дека е подобро да се има добар извештај наместо негативен, но на некој начин кога земјите-членки не ги почитуваат препораките на Комисијата, тогаш тежината на тој извештај паѓа, кажа тој и посочи дека мора да се соочиме со реалноста дека европската интеграција на регионот е во криза и дека довербата паѓа. Така да европското ветување од Солун во 2003 година бледи. Луѓето со право се прашуваат дали ова е вистина, дали е реално еден ден да станеме дел од ЕУ. Мислам дека ова треба да не загрижува и дека треба искрено да разговараме за тоа – вели Димитров.

Тој додава дека македонските граѓани се разочарани и загрижени, предупредувајќи дека поддршката за евроинтеграциите постепено опаѓа.

Димитров смета дека за Европа или ЕУ е „многу поскапо да го игнорира Балканот отколку сериозно да се ангажира и да ни помогнат да го направиме европски.

Европски во смисла на здрава демократија, правда, слободни медиуми, човекови права, европски стандарди. Европа да ја донесеме кај нас. Затоа што ако не го направиме тоа, младите ќе ја бараат својата иднина некаде надвор од државата – вели Димитров.

Зборувајќи за односот со Бугарија, Димитров вели дека во интервју за Би-Би-Си, на прашањето за пријателството со таа земја, одговорил да тие со нивната политика кон Македонија тоа доста го отежнуваат.

Димитров посочува дека, сепак, мора да се има одредена пристојност во барањата.

Тој прашува што ќе се случи ако утре некоја земја-членка побара од нас, на пример, да и дадеме половина од нашата територија.

Мора да има однос меѓу барањата и вредностите на ЕУ. Во Лисабонскиот договор, еден од уставните столбови на ЕУ, се наведува дека европскиот континент е континент кој ја слави културната и јазичната различност. Е сега македонскиот јазик не може да биде проблем ако одиме како организација која ја слави различноста. Не може да се поставуваат антиевропски услови на патот кон ЕУ, ако таа е сè уште европска. Ние сме во класична ситуација кога историските прашања, кои не се актуелни во 2021 година, кои можеби беа актуелни на почетокот на 19 век, ја држат во заложништво иднината. Ние не можеме да го промениме минатото, ниту пак географијата. Единственото нешто што можеме да го промениме е денес и утре. Се надевам дека ќе најдеме начин, влогот е огромен. Бугарија со тоа што го однесе во Брисел, билатералното прашање го претвори во европско. Не сме само ние блокирани, блокирана е политиката на ЕУ кон Балканот, кон регионот – заклучуваДимитров во интервју за ТВ „Н1“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.