На покана на претседателот Рик Даемс, вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска ќе има специјално обраќање на есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), што се одржува во Стразбур.

На првиот ден од работната посета на Стразбур, вицепремиерот Димитров вчера имаше средба со Жак Мер и Лилијана Танги, пратеници во Националното собрание на Франција, од редовите на движењето „Републиката во Марш“ на претседателот Макрон.

Средбата се одржа во пресрет на идното француско претседавање со Советот на ЕУ со цел размена на ставови за ревитализирање на политиката на проширување на Европската Унија, со акцент на европската перспектива на Македонија.

Пратениците Мар и Танги ја реафирмирале француската поддршка за почеток на пристапните преговори со Македонија. Тие изразиле надеж дека одлуката на Советот на ЕУ од март минатата година ќе биде спроведена во претстојниот период.

На средбата, пак, со Јоргос Папандреу, пратеник во грчкиот Парламент, актуелен претседател на Социјалистичката интернационала и поранешен премиер на Грција, се разговарало за модалитетите на инклузивна соработка, конструктивни меѓусебни односи во регионот. Тие се согласиле дека со отпочнување на пристапните преговори со Македонија, ЕУ ќе ја ревитализира довербата во ветувањето од Солун за европската иднина на целиот регион во клучен момент.

Папандреу ќе ја предводи денешната дебата за демократските предизвици и европските аспирации за Западниот Балкан, што ќе следи веднаш по обраќањето на вицепремиерот Димитров на есенската сесија на Парламентарното собрание при Советот на Европа.

Вицепремиерот Димитров ќе има средба со генералниот секретар на Совет на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, со неговиот домаќин претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Рик Даемс, како и со неколку други членови на ПССЕ.

По неговото обраќање, предвидена е дискусија за демократските предизвици и европските аспирации за Западниот Балкан и улогата на Советот на Европа во таа смисла.

Во ПССЕ, триесет и седум членови на Парламентарното Собрание на Советот на Европа предлагаат резолуција со која се бара поддршка за европска перспектива за Западен Балкан. Во предложената резолуција тие констатираат: „Поминаа 26 години од Дејтонскиот договор и 18 години од Советот на ЕУ во Солун, кој ја почна програмата за интеграција на Европската Унија за Западен Балкан. Оваа временска рамка е премногу долга и предизвика фрустрации и разочарување во регионот, распалувајќи ги етноцентричните импулси и националистичката носталгија, оцрнувајќи го кредибилитетот на Европската Унија кај јавноста и го отвора патот за влијанието на другите геополитички актери“.

Меѓу потписниците на резолуцијата се и членовите на македонската парламентарна делегација, пратеничките Бисера Костадиновска-Стојчевска и Арта Билјали Зендели.

Оваа предлог резолуција се уште не е разгледана од ПССЕ и е обврзувачка само за нејзините потписници.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.