Единствено преку солидарност, координирани напори, соработка и размена на добри практики и знаење, ќе излеземе од овој тунел – изјави министерот за надворешни работи, Никола Димитров, кој денеска оствари средба со неговиот унгарски колега, Петер Сијарто, во рамки на неговата посета во земјава.
Главен фокус на средбата беше ставен на конкретната поддршка која Унгарија ја упатува на Република Македонија во контекст на борбата со справување со пандемијата, како и севкупниот европски одговор при справување со овој тежок глобален предизвик и ублажување на последиците.
Истовремено беа разгледани и европските перспективи на Македонија особено по позитивната одлука на Советот за општи работи на ЕУ за отпочнување пристапни преговори.
Ја цениме денешната конкретна помош од Унгарија за справување со пандемијата, која е вистинска демонстрација на европска солидарност. Благодарни сме и за конзистентната поддршка на нашиот ЕУ и НАТО пат. Голема беше честа што неодамна ја имав да ја претставувам Македонија за првпат како полноправна членка на НАТО, на состанокот на Северно-атлантскиот Совет во формат на министри за надворешни работи, заедно како сојузници со останатите земји членки меѓу кои и Унгарија – рече Димитров.
Од страна на гостинот беше поздравено зачленувањето на Македонија и позитивната одлука за отпочнување на пристапните преговори со ЕУ.
Двајцата министри се договорија меѓусебно да соработуваат во напорите за репатријација на унгарските и македонските државјани затекнати во странство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.