Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров вчера рече дека едната страна на компромисот со Бугарија е да не се договориме за се, втората е таму каде што очигледно имаме заеднички интерес да направиме сè што можеме да имаме конкретен патоказ, со рокови, да го спроведеме Договорот за пријателство.

-Сегашниот компромис, се извинувам не можам во детали оти е во деликатна фаза процесот, треба да се даде шанса да се вложиме во дипломатските преговори, разговори и контакти, меѓутоа, на крупно, компромисот има две страни – една страна, кога на некој начин се договараме да не се договориме за сè. Бугарската страна си има свои позиции, македонската страна си има свои позиции. Вториот дел од копромисот е таму каде што очигледно имаме заеднички интерес да направиме сè што можеме да имаме конкретен патоказ, со рокови, со надлежни институции, да го спроведеме Договорот за пријателство, вели Димитров во интервју за Радио слободна Европа, на прашањето дали очекувањата од бугарска страна содржани во декларацијата од 2019 ќе бидат вклучени во патоказот што треба да го достави Скопје.

Според него, неспорен е интересот во делот на изградбата на коридори, културната соработка…меѓу двете земји.

-Тоа е сосема неспорно. Ние имаме автентичен интерес да ја развиваме таа соработка и без Договорот за пријателство. Договорот ја поттикнува, мислам дека и соседна Бугарија има таков интерес. Треба да најдеме таков начин, можеби да има попродуктивна атмосфера во Комисијата за историски прашања, меѓутоа таа попродуктивна атмосфера истовремено се овозможува, ако Бугарија ни стане поддржувач како што ни беше кога имаше претседателство, вели вицепремиерот Димитров.

На прашањето дали е задоволен од она што Комисијата за историски прашања го сработи досега, Димитров вели дека контрапродуктивен би бил секој политички притисок и оти таа треба да се остави да ја работи својата работа.

-Ние како политичари сме во деликатна позиција да даваме суд и оценка за работа на експерти, академици, професори итн, во случајот во областа историја. Ако има политичко охрабрување, веројатно може да има, меѓутоа ако има политички притисок Комисијата да испорача, ќе има голем јаз меѓу Комисијата и општеството. Мислам дека тоа веројатно ќе биде контрапродуктивно. Затоа сите треба да бидеме многу внимателни кога судиме за работата на Комисијата, а истовремено, пак, членовите на Комисијата и копретседавачите треба да бидат внимателни кога даваат политички судови, бидејќи и тоа ни се има случувано, посочува Димитров



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.