Министерот за надворешни работи Никола Димитров, во рамки на работната посета на Вашингтон, вчера во Стејт Департментот имаше средба со помошникот државен секретар за Европа, Вес Мичел и го информирал за актуелностите поврзани со спроведувањето на Договорот од Преспа, како и претстојните активности околу ратификацијата на Пристапниот протокол за членство на Република Македонија во НАТО.

Димитров, како што соопшти МНР, изразил очекување дека набргу ќе следи и ратификација на протоколот во Сенатот на САД. Според Мичел, склучувањето на Договорот од Преспа и неговото извесно стапување во сила, проследено со зачленувањето на Република Македонија во НАТО, се историски мигови на исклучителни постигнувања, со кои Македонија треба да се гордее. Тој посебно го нагласил очекувањето дека овие постигнувања ќе имаат позитивно влијание врз стабилноста и просперитетот на целиот регион.

Во Белата куќа, Димитров се сретнал со директорите во Советот за национална безбедност на САД за европски прашања, Вилијам Беркли и за НАТО, Маркус Томи. И на оваа средба се разговарало за претстојните активности во контекст на евроатлантската интеграција на Република Македонија и натамошната поддршка од САД во тој контекст.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.