Австрискиот министер за Европа Александер Шаленберг кој престојува во официјална посета на земјава потенцираше дека и Македонија и Албанија треба да добијат датум за преговори.

Нашата позиција е многу јасна. Веруваме дека и двете земји и Македонија и Албанија треба да добијат зелено светло во Брисел и треба да ги отворат претпристапните преговори за членство во Унијата, изјави Шаленберг.

На средбата во МНР во фокусот на разговорите беа европските интеграции на Република Македонија и очекувањата од претстојниот октомвриски Совет на ЕУ. Министерот Димитров информираше за позначајните постигнувања и резултати во клучните реформски области, нагласувајќи дека посетата на австрискиот колега доаѓа во време кога Македонија ги одбројува последните денови до очекуваната одлука за започнување на преговори, при што поддршката од австриските пријатели беше и останува од непроценливо значење.

Позитивната одлука во октомври ќе придонесе не само кон зголемена доверба, кредибилна потврда на европската перспектива, предвидливост и позитивна динамика во регионалните случувања, туку ќе даде и поттик, за продолжување со вложување сили и енергија кон ребрендирање на регионот и неговиот имиџ во корист на младите генерации. Македонија да не дозволи Албанија да стане пречка за добивање на датум за преговори за членство во ЕУ, рече Димитров и потенцира дека процесот за пристап кон ЕУ е индивидуален. 

Од страна на гостинот, беше поздравена силната посветеност на Владата на Република Македонија за спроведување на реформите неопходни за забрзување на европската интеграција на земјата и реафирмиран ставот дека остануваат силен поддржувач на нашиот заслужен напредок кон натамошно приближување кон Европската Унија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.