Македонија постигна неверојатен напредок во процесот на приближување кон Европската Унија и искрено се надевам дека ќе стане 28-та земја членка на ЕУ, изјави летонскиот министер за наворешни работи, Едгарс Ринкевичс по денешната средба во Рига со вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров.

По нашите разговори и информациите што ги добив за напредокот, реформскиот процес и по дискусиите за состојбата на Западен Балкан, можам да го потврдам нашиот цврст и непоколеблив став дека иднината на Македонија е во Европската Унија. Веруваме дека е време и формално да започне процесот, со првата меѓувладина конференција со ЕУ, истакна Ринкевичс.

Тој посочи дека Летонија е подготвена континуирано да ја поддржува земјава како политички, така и практично со разни проекти за соработка

Мислам дека е одлично тоа што е направен неверојатен напредок со Преспанскиот договор и сме сведоци на овие процеси. Македонија сега е полноправна членка на НАТО, таа е одличен партнер во поглед на сите прашања и е усогласена со заедничката надворешна политика на ЕУ, додаде Ринкевичс.

Димитров од своја страна нагласи дека добил уверување оти Летонја продолжува да ја поддржува нашата европска иднина и одржувањето на првата меѓувладина конференција што е можно побрзо, дури и во јуни.

Јас се обидов да ги посочам сите аргументи и на некој начин да илустрирам зошто токму македонскиот случај ја исправува ЕУ пред тест, не само за изминатите пропуштени години, туку и заради нашето реформско портфолио, додаде Димитров.

На средбата, како што информираше Ринкевичс, станало збор и за регионалната безбедност и случувањата во регионот на Западниот Балкан, како и за прашања околу актуелната меѓународна ситуација.

Како што соопшти Секторот за европски прашања на средбата била повторена поддршката на Летонија за пристапување земајва во ЕУ и подготвеноста за споделување на сопственото искуство од процесот.

Вицепремиерот Димитров нагласи дека политиката на проширување претставува најважната алатка на надворешната политика на ЕУ за промовирање на мир, стабилност и просперитет на европскиот континент, се додава во соопштението.

Според СЕП, соговорниците се согласиле дека е потребно заокружување на процесот за комплетирање на Европа преку интеграција на Западниот Балкан во ЕУ, за што Македонија ги исполни сите барања за старт на пристапните преговори со Унијата.

Во тој контекст, Димитров посочи дека Македонија продолжува одлучно да ги спроведува реформските активности за реализирање на европската агенда, поради што е неопходно новата методологија за пристапни преговори, што воведува построги правила и зајакната условеност во клучните области, да биде операционализирана во евроинтегративниот процес на земјата, преку одржување на првата меѓувладина конференција со Унијата. Министерот Ринкевичс ја потврди латвиската цврста и непоколеблива поддршка на европската перспектива на Македонија, потенцирајќи ја важноста на отпочнување на преговорите со Унијата, што поскоро. Тој изрази надеж дека токму нашата земја ќе биде 28-та земја членка на Унијата, се додава во соопштението на СЕП.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.