„Крајно време е Европската Унија да испорача, исполнувајќи го сопственото ветување за почеток на преговори откако земјата ги исполни сите услови. Крајно време е за добри вести и прогрес по европскиот пат за целиот регион“. Ова денеска го истакна вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, кој на покана на австриската министерка Каролине Едштадлер денеска во Виена учествуваше на Самитот за Западен Балкан, на ниво на министри за европски прашања како надополнување на пленарната сесија на шефовите на влади организирана од австрискиот канцелар Себастијан Курц.
Според Димитров, новата методологија за пристапни преговори може да внесе нова динамика и поголема веродостојност на пристапниот процес само ако е правилно применета, за што е потребна заемна посветеност – и на земјите кандидати и на ЕУ,
Ако се вратиме на основите како што предвидува и самата методологија, не смееме да го заборавиме базичното правило дека процесот на пристапување е двостран и подразбира испорачување на обете страни, истакна вицепремиерот.
Тематскиот панел, како што соопшти Секретаријатот за европски прашања, бил фокусиран на размена на мислења за процесот на проширување на Европската Унија, при што се дискутирало за предизвиците во пристапниот процес на регионот во светлото на новата методологија за преговори, користењето на фондовите од Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан и стратешката комуникација на ЕУ со регионот.
Димитров рече и дека Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан е признание од страна на ЕУ дека треба да стори повеќе за регионот за да го одржи процесот на европеизација, како подадена рака за фундаментални реформи, брза имплементација и регионална економска интеграција.
Партнерството за соочување со глобалните предизвици, според него, е важно и за подобрување на стратешката комуникација, но сѐ се заснова на тоа колку граѓаните може да веруваат на зборовите на Брисел и главните градови на ЕУ.
Учеството на граѓаните од регионот во Конференцијата за иднината на Европа ќе претставува повеќе од политички сигнал, а особено важно е вклучувањето на младите генерации кои и во буквална смисла на зборот се иднината на Европа, нагласил вицепремиерот Димитров, додавајќи дека ЕУ нема што да изгуби, но има многу што да добие со вклучување на сите граѓани од европскиот континент во оваа пан-европска платформа за демократијата и иднината.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.