Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, на барање на словенечка страна, денеска имал видео-средба со државниот секретар во МНР на Словенија, Гашпeр Довжан, на која разговарале за приоритетите на словенечкото претседавање со Советот на ЕУ во следните шест месеци и вклучувањето на европското досие на Македонија во тој контекст.
Европската перспектива на Македонија и регионот не е само во интерес на овој дел од Европа туку и геостратешка потреба на Унијата во овој клучен период, јасно препознаена и во Брисел и во главните градови на земјите членки. Тоа кореспондира и со приоритетите на нашите словенечки пријатели за кредибилна и стабилна ЕУ како израз на процесот на европско обединување. Станува невозможно да се одржи европското влијание без одржување на зборот од европска страна – почеток на пристапни преговори за оние кои испорачаа, како што е македонскиот случај – изјавил вицепремиерот Димитров, стои во соопштението од СЕП.
Во таа насока, државниот секретар Довжан потенцирал дека регионот е вклучен во трите столба на словенечкото претседателство и процесот на проширување ќе биде истакнат како хоризонтално прашање за иднината на Европа, а особено внимание ќе биде посветено за продолжување на напорите на германското и португалското претседателство за надминување на пречките за одржување на првата меѓувладина конференција со Македонија и продолжување на дијалогот со Бугарија во согласност со европските принципи и вредности.
Во соопштението се додава дека словенечкото претседателство упатило покана до вицепремиерот Димитров за присуство на неформалниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ, што ќе се одржи на 22 и 23 јули во Брдо крај Крањ.
На средбата била потенцирана и одличната билатерална соработка изразена преку техничката помош што Македонија ја добива од Словенија во усогласувањето со европските стандарди и политики, како и подготовката на националната верзија на правото на ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.