Шефот на дипломатијата, Никола Димитров и алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу денеска во Скопје потпишаа Спогодба за отворање на нов граничен премин во регионот на Преспанското езеро, Маркова нога – Лемос.

Грчката министерка Анагностопулу по средбата со Димитров се заблагодари на гостопримството и изјави оти е среќна за потпишувањето на овој историски договор и оти претстои продлабочување и зајакнување на соработката и на односите меѓу двете земји.

Димитров, од своја страна, посочи оти по историскиот успех од Преспа, повторно имаме историски договор, бидејќи, како што рече, за првпат со договорот се применува и името и терминологиите договорени во Преспа.

Задоволство ми е што овој договор за отворање на граничниот премин Маркова Нога-Лемос во регионот на Преспа, го потпишавме на три јазици, на македонски, грчки и на англиски јазик. Македонски јазик што е важен за нас, што го зборуваат граѓаните на Република Македонија, и на нашата дијаспора, и што не се однесува на грчките Македонци, во контекст на Членот 7 од Договорот, рече Димитров.

Ова е прв договор потпишан меѓу Македонија и Грција, согласно одредбите од Конечната спогодба, со кој се очекува дополнителен развој во односите, интензивирање на комуникацијата и севкупен развој на Преспанскиот регион.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.