Македонија покажа посветеност кон постигнување на суштински промени за европско уредување дома, но и зрелост и одлучност на вистински европски партнер, што ги разбира различните позиции и ги претвора во прифатливи решенија, затоа што ја споделуваме визијата за обединување на Европа, изјави заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров за време на специјалното обраќање на есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур, одржано пред дискусијата за демократските предизвици и европските аспирации за Западниот Балкан и улогата на Советот на Европа.
Како што јави дописникот на МИА, вицепремиерот Димитров го почна својот говор пред Парламентарното собрание на Советот на Европа, каде се обрати како специјален гостин на есенската сесија, со 16 секунди молк за, како што рече, 16-те години потрошени како земја кандидат за членство во ЕУ.
Не си ја заборавив мислата, ова беа 16 секунди, што се видоа долги, па можете да доловите колку долги изгледаат 16-те години за мојата земја што од 2005-та е кандидат за членство, истакна Димитров на почетокот од говорот.
Наметнатите пречки на патот на земјава кон ЕУ од страна на Софија, како што објасни Димитров пред пратениците од 47-те земји членки на Советот на Европа, не се територијални, реформски, туку историски и јазични и „директно засегаат во нашата идентитетска определба, но и во она што е душата на Европа и европскиот идентитет и имаат реални импликации во однос на стабилноста, безбедноста и просперитетот на регионот и континентот“.
Во 21-от век во Европа, прашањето на мојот мајчин јазик не смее да биде во судир со напредокот на државата кон членство. Не, ако Европа е континент каде се почитува културната и јазична шареноликост, како што стои во Лисабонскиот договор. Кој сум јас и каков јазик зборувам не се прашања на кои може да се дозволи кој било друг да има право на збор. Тоа е лично мое прашање. Во една демократија, твојата држава не може да ти каже како се чувствуваш, а камоли некоја друга земја или организација, порача Димитров.
Вицепремиерот, понатаму истакна дека секој компромис доаѓа со политичка цена што се плаќа дома, но оти мислата водилка на вистинските лидери не се идните избори, туку идните генерации. Токму затоа, истакна Димитров, компромисите направени од страна на Македонија значат заземање на вистинското место во историјата, но газењето врз правото на самоопределување во ниеден случај не може да биде дел од компромис, оти е спротивно на самата европска идеја.
Затоа апелирам за одговорност и лидерство во Европа, додаде Димитров.
Тој потенцира дека Западниот Балкан е составен дел на Европа и без европската перспектива е како соба во куќата што е отсечена од домаќинството, па затоа пристапувањето во ЕУ е задача на регионот, но и на ЕУ, што подразбира заемна одговорност.
Европското неисполнување на ветувањата кон регионот го урива кредибилитетот на Унијата, со тоа удира се врз прогресивните сили и се дава сила на националистите, а довербата на граѓаните опаѓа. Европа не смее да си дозволи да го изгуби регионот, бидејќи единствената одржлива визија за иднината на овие земји е европската, порача од говорницата на ПССЕ македонскиот вицепремиер.
Димитров нагласи дека војните на Балканот од 90-тите години на минатиот век претставуваат „цивилизациски пораз за нашиот континент“.
Живееме во време кога темелите на светскиот поредок се разнишани и непредвидливи, регионот е место на судир на различни геополитички сили. Европа треба да размисли дали повеќе ќе ја чини инвестицијата во интеграција на Западниот Балкан или цената што ќе се плати со изоставување на регионот, истакна Димитров.
Обраќањето на Димитров поттикна голем интерес кај членовите на Парламентарното собрание на Советот на Европа кои поставија бројни прашања во врска со модалитетите за надминување на предизвиците и заокружување на европската перспектива на регионот.
Дел од пратениците упатија пораки со целосна поддршка за македонската европска интеграција. Грчкиот пратеник и поранешен министер за надворешни работи Јоргос Катругалос порача дека Македонија „направи се што треба“ и „заслужува преговори веднаш“. Литванската пратеничка Лаима Андрикеине апелираше до Бугарија да престане со блокадата на земјава, бидејќи штетата е огромна.
На прашањето упатено од бугарската пратеничка и поранешна министерка за надворешни работи Екатерина Захариева за мерките кои ги презема Македонија за справување со, како што рече, „случаите на дискриминација и говор на омраза против граѓаните кои се изјаснуваат како Бугари“, Димитров одговори дека во земјава „нема ниту еден единствен пријавен случај за дискриминација врз основа на бугарска националност“.
Ниту една официјална жалба. Оттука, тешко ми е да разберам дали ваквите обвинувања ви се дел од домашна политичка битка или се резултат на некаков меур во којшто сте и навистина верувате дека се врши некаква дискриминација. Македонија е мултиетничка држава и за разлика од други земји од регионот, кај нас малцинствата се апсолутно признати со гарантирано право на еднаквост и на самоопределување, рече Димитров
Што се однесува, пак до говорот на омраза, вицепремиерот посочи оти одговорно тврди дека од страна на официјални државни претставници нема такви случаи.
Се разбира дека осудуваме инциденти со говор на омраза, но треба да имате предвид дека кога на некој народ се обидувате да му го оспорите јазикот и правото на самоопределување, очекувано е да има револт. Вашата политика е инвестиција во антагонизам, а не во пријателство, нагласи тој.
Димитров притоа повика Бугарија да се вклучи во неодамнешната иницијатива Опсерваторјата за учење на историјата на Советот на Европа, каде засега Бугарија не учествува.
Еве можност да работиме заедно и да градиме продуктивна атмосфера, да учиме од компаративните европски искуства за надминување на прашања кои се однесуваат на историскиот наратив, заврши Димитров.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.