Кандидатот за градоначалник на Куманово, и воедно, сѐ уште актуелен градоначалник, Максим Димитриевски вечерва испрати порака до кумановци. Независниот кандидат, кој отиде сам во трка за уште еден мандат, откако не беше предложен од страна на матичната партија, побара граѓаните да останат имуни на сите лажни информации кои се лиферуваат и во недела да го заокружат бројот 80.

Ве повикувам во недела масовно да излеземе. Знам дека го имате препознаено концептот За Наше Куманово. Јас сум Вашиот актуелен градоначалник, Вашиот Максим Димитриевски. Ја барам Вашата поддршка да ставиме крај на многу појави во нашиот град.

Куманово било, е и ќе биде храбар град, град на големите општествени промени. Ние можеме заедно. Останете имуни на сите лажни информации кои се лиферуваат во јавноста.

Вие ме познавате мене, јас ве познавам вас. Одиме заедно, за мое, за твое, за наше Куманово, за поубаво Куманово и достоинствено место за живеење на нашите и вашите деца, место за живеење на сите кумановчани. Куманово никогаш не дозволило да биде управувано од поединци и по потреба. Куманово секогаш било град на прогресивна мисла и идеа, на кој што секој граѓанин му биле битни и корените свои, но и иднината која што заедно ќе ја креираме.

Ве повикувам во недела уште во раните утрински часови, да излезете масовно и да дадете поддршка за бројот 80, со што ќе дадете можност да продолжиме да го водиме градот на еден достоинствен начин и Куманово да биде тоа што посакува секој кумановец, модерен и европски град.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.