Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски денеска преку Фејсбук статус порача дека посетата на премиерот и министрите во Куманово била на нивно барање, а не на покана на градоначалникот.

Во ниеден момент не сум дозволил да загрозам нечие здравје со моето однесување. Резултатите од тестовите што по вторпат се прават за целиот Кризен штаб и придружните членови и луѓе ангажирани во ризични подрачја ги чекавме пет дена.

Средбата во Куманово со владини претставници не беше остварена на моја покана, туку на барање на Владата. Информацијата дека постојано се прават проверки на здравјето на лицата од општинскиот кризен штаб е јавна и ја знаат сите членови на штабот и институциите на министерството за здравство на локално ниво.
Средбата се оствари за дополнително брифирање на владата и елаборација на фактичката состојба на терен поврзана со епидемијата за која укажуваме со недели.
Сите присутни носеа маски, освен во момент кога техничкиот премиер Оливер Спасовски и јас дававме изјави за медиумите, но државме препорачана дистанца, вели Димитриевски.

Тој додава дека со оглед на тоа што првиот тест бил негативен пред две недели, а немале никакви симптоми, не очекувал дека ќе има позитивни тестови.

Но очигледно големите контакти со луѓе во обид да се разрешат сите проблеми во градот со вирусот КОВИД 19, придонесе пет члена од општинскиот штаб да имаат позитивни тестови и сите тие од различни институции. Се поставува прашање ако се следат епидемиолошките алгоритми на комисијата за заразни болести како досега не бевме оценети како ризични бидејќи очигледно сме заразени од лице кое веќе имало вирус.

Куманово е град каде има најголем број случаи според број на жители, секој од нас носи одговорност, јас најголема и поради тоа барав од Владата со недели да бидеме изолирани.

Истата нека ја утврди фактичката состојба и евентуалните системски недостатоци, пропусти и одговорност.

Не сакам оваа ситуација да прерасне во јавна дебата без потреба, мора да се сконцентрираме и сите заеднички да ги насочиме силите и да ја поразиме епидемијата, порача Димитриевски.

Од Владата пак, во изјава за Телма велат дека биле во Куманово на покана на градоначалникот и пресот го организирале локалните власти.

Владата на Република Македонија на покана на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски и општинскиот кризен штаб одлучи да биде дел од состанокот на кризниот штаб на највисоко ниво за да може директно да се запознае со ситуацијата, да добие брифинг од сите одговорни лица кои се задолжени за борба со коронавирусот и да носи одлуки кои се од најголема корист за населението. Прес конференцијата беше побарана и организирана од страна на локалните власти, а техничкиот тим од владата кој го следи премиерот даде инструкции по следниов протокол: најпрво дезинфекција на цел простор и говорницата, поставување на микрофони на говорница, замолување на камерманите да се позиционираат на безбедно растојание од 3 метри и сите да носат заштитна опрема, се вели во изјавата на Владата.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат денеска почна вонреден инспекциски надзор во Куманово. Градоначалникот вчера соопшти дека е позитивен на корона вирусот, ден претходно на средба со него и со членовите на општинскиот кризен штаб беа премиерот Оливер Спасовски, министерот за здравство Венко Филипче, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, а Димитриевски потоа имаше и изјава за медиумите. Владините функциониери се сега во изолација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.