Градоначалникот на Општина Куманово Максим Димитриевски во годишното интервју за Кумановски муабети информираше дека за 2022 година најавени
се повеќе проекти за реконструкции на училишта, капитални инвестиции во изградба на нови кружни токови, реконструкции на малиот градски плоштад, централни улици, во приградските населби и села.

Ќе работиме на проекти, на фекална и атмосферска канализација, водоводна мрежа. Следува реконструкција на стариот градски парк со трансформација на истиот во нов модерен смарт парк. Предвидуваме нови детски катчиња, уште еден мини парк на локација Тоде Мендол на улица Карадачки одреди. Дополнително, ќе ги зголемиме средствата на социјалната поддршка, бесплатен превоз за пензионери, за редовни студенти и ќе дадеме поголема можност на младите луѓе со отворање на Канцеларијата за млади. Ќе се обидеме да го направиме и Tech центарот за млади, рече Димитриевски и додаде дека е горд на проектот на изградба на спортските терени и игралишта, почнувајќи од инвестицијата на Спомен-костурница и голем број на спортски терени во училиштата.

Во интервјуто, тој изјави дека Општина Куманово има стабилна финансиска состојба, со салдо од некаде над 3 милиони евра кои ќе бидат пренесени
во следната година.

Во однос на резултатот од локалните избори, Димитриевски посочи дека граѓаните испратија повеќе пораки, заклучоците треба да ги донесат
политичките субјекти, затоа што граѓаните бараат од нив да бидат во функција на граѓаните и на државата, а не во функција на интересите на
помала група на луѓе кои менаџираат со политичките субјекти.

Димитриевски, потенцираше дека во Советот на општина Куманово повикал коалицијата да биде составена од сите политички субјекти.

За жал, од моите поранешни сопартијци веднаш наидов на негативен одговор. На една од седниците на советот излегоа со став дека не сакаат коалиција со квази социјалдемократи. Дури навлегоа и со тоа да прогнозираат идеолошко определување што е апсолутно не само политички, туку и човечки некоректно. ВМРО-ДПМНЕ излезе прагматично, даде поддршка на еден граѓански концепт. Очекував многу повисоко ниво на пресместливост и на она што значи иднина за развој на градот, бидејќи самиот гест кога ги повикав сите мои против кандидати да седнеме и да разговараме за обединување, токму сметав во оваа насока. Политиката нека се води на централно ниво, политичките партии, граѓаните на општина Куманово, наши кумановци избраа еден граѓански концепт којшто има намера да обединува, а не да разединува. Имаме мнозинство во советот којшто е некаде 19, 20 советници, покрај коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и сите политички субјекти, влезе и Алијанса за Албанците, Алтернатива, БЕСА дава поддршка на тој концепт, Левица. Има место едноставно за сите, ние не водиме државни политики. Овде е целта да го развиеме Куманово, да се развива и гради што поуспешно. Секој којшто може да даде свој допринос е добредојден. Личните суети и недоразбирања треба да се стават на втор план. Има квалитетни и неквалитетни решенија, посочи Димитриевски.

На прашањето каде ќе ја помине новата 2022 година и што би си посакал како желба, градоначалникот Димитриевски изјави дека ќе ја дочека
првично во кругот на неговото семејство и со блиски пријатели, а најави и дека неколку денови ќе направи прошетка во соседството, во Србија или
Босна, но сè уште нема дефинирано.

Себе би си посакал да ги слушам граѓаните, да допира вистинскиот глас на граѓаните до мене, бидејќи кога сте на позиција многупати имате и
затскриени пораки кои не ги слушате, бидејќи сте опкружени со голем број на соработници кои сакаат да ви остават впечаток за да се чувствувате добро, а сепак работата не функционира на терен. Да се обидам да имам поголем слух и сенс за глобалните проблеми на граѓаните, лични проблеми имаме многу и не можат секако да бидат решени поединечно за секој, а по однос на граѓаните првично им посакувам многу здравје, среќа, взаемно почитување и едноставно сите да си го сакаме Куманово бидејќи, Куманово нè има нас задолжено многу, пред да тргнеме со пораката што тоа градот направи за мене, да си поставиме прашање што тоа јас направив и можам да направам за својот град. Доаѓа пролет верувам дека сите ќе се повикаме на една масовна акција за чистење и уредување на градот. Да ги земеме метлите и реквизитите по примерот на нашите дедовци, баби и родители, и да исчистиме во сопствениот и пред сопствениот двор и куќа за да градот ни биде поубаво место за живеење“, додаде Димитриевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.