Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски во гостувањето на телевизија Алфа испрати уште една критика до министерот за здравство, Венко Филипче поради доцнењето на тестовите за опасниот коронавирус, што пак спречува создавање на реална епидемиолошка слика во градот.
Во сите препораки, забелешки и заклучоци на штабот стои изречно дека резултатите од тестовите континуирано доцнат, доцнат по четири, пет, шест дури и до седум дена. И ние инсистираме бидејќи штабот не може врз база на реални резултати да добие реална епидемиолошка слика за да се креира од страна на штабот реална епидемиолошка карта за да знаеме каде да дејствуваме и како да дејствуваме и поради тоа точно е во недела бевме од страна на епидемилиологот тестирани – рече Димитриевски.
Димитриевски изрази зачуденост за коментарот на министерот за здравство, Венко Филипче дека не знаел дека тој е тестиран и доколку би знаел би постапил поинаку. Тој потенцираше дека негова работа е да ги знае овие информации па го запраша зошто резултатите на корона тестот доцнат толку многу време.
Мене ме чуди како тоа министерот Филипче не знаеше дека членовите на болницата кои што ги посети пред некој ден исто така беа тестирани и чекаа резултати, а он ги посети тогаш и не реагираше вака како што реагираше денеска. Но не знам за тоа ќе го прашате него. Инаку информираност треба да има во рамки на министерството, бидејќи министерството е тоа кое што го зема брисот, министерството е кое врши анализа и органи кои се директно под министерството го даваат резултатот. А моето прашање до него е зошто тестовите за штабот и општина Куманово доцнат толкав долг временски период, а не се добиваат од ден на ден. А логично е кога ќе ви земат брис да добиете резултат веднаш. Сум разговарал и со луѓето во институтот за јавно здравје кои ги почитувам и ги охрабрувам максимално се изложени во овие тешки периоди и знам дека имаат технички проблеми, но видете ние сме должни како држава да обезбедиме ресурси и капацитети за непречено справување со епидемијата. Ако не можеме да го сториме тоа треба да побараме помош – вели тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.