Најпрво господинот Илиевски никогаш со мене не рушел режим, бидејќи кога рушевме режим го немаше никаде. Но, морам да кажам дека зборува невистини. Најодговорно тврдам дека не сум се шетал по град или некаде со претседател на општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ итн. – истакна независниот кандидат за градоначалник на општина Куманово, Максим Димитриевски, во дебата на ТВ 24.
Димитриевски потенцираше дека сопругата на Илиевски е вработена во МВР, од приватна фирма е вработена како висок службеник во МВР и изградила кариера за неколку месеци многу поголема за разлика од други професионалци кои со години работат таму, а денес се распоредени по шуми, шумски и гранични полиции.
Мора да знаете дека претходеше следење на возилото од страна на полициско возило само со полициски стаблици, што се случува континуирано овие три недели не само на мене, туку на целиот мој тим. Откако беше приметено дека го забележавме веднаш потоа не стопира полиција и до ден денеска немам потврда зошто сум задржан од страна на полицијата, ниту пак сакаа да ми ја дадат, но за тоа ќе си покажат истрагите.
Чисти шпекулации се дека има договарано нешто со ВМРО-ДПМНЕ, ниту може да се договара пост изборна коалиција со некој додека не ги знаете силите во составот на Советот, а во тој момент не се познати. Се прават на локално ниво пост изборни коалиции кои многупати знаат да бидат и непринципиелни поради бројките. Шпекулациите на Фејсбук групите коишто вие и вашиот штаб ги креирате и ги пуштате во етер, ги отфрлам во целост.
Но, знам едно и суштинско, дека на локацијата Ореов Лад во Куманово никогаш нема во мандатот на Димитриевски да никне нов станбено деловен комплекс, бидејќи тој комплекс се обидуваат финансиери од многу градежни компании и директни ваши поддржувачи, кои се подготвени да направат се само да не добие Димитриевски за да избришат локација за детска градинка и да изградат нови станбени комплекси. Тоа во мандатот на Димитриевски нема да се случи. Нема никогаш да го дозволам, дури во една прилика едниот од нив и самиот рече дека се подготвени таму да чекаат да заминат, ќе саделе кромид, но ќе дојде човек којшто ќе го потпише тоа. Во следните четири години тоа нема да се случи во Куманово – изјави Димитриевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.